Иванов: Да не дозволиме друг да одлучува за нас – без нас

За овие пет години покажав дека со работа, со труд, со чесност и искреност, се добива и се оправдува довербата на граѓаните. Благодарен сум што довербата на граѓаните за овие пет години постојано растеше и прв пат до сега додека се мери довербата на институцијата Дури 56 отсто од граѓаните имаат доверба во институцијата Претседател. Но човек лично го исполнува некое чувство на самодоверба, кога гледа дека 74 отсто од граѓаните на Македонија, сметаат дека чесно сум ја обавувал функцијата Претседател, посочи кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов на предизборниот митинг во Демир Хисар.

Во својот говор тој потсети на зборовите на Даме Груев, дека само со сопствени сили Македонците можат да се изборат за ослободување на својата земја.

„Првиот Илинден беше борба за слобода, вториот Илинден беше борба за државност, третиот Илинден на 8-ми Септември 1991 година, беше ден кога ја освоивме битката за независна и суверена држава, Република Македонија. Сонот на илинденците, сонот на АСНОМ-ците. Остварувајќи го овој сон, добивме два завета од нашите предци, кои сме должни да ги исполниме. Првиот завет беше  да не дозволиме некој друг да одлучува за нас – без нас. Секогаш кога некој друг одлучувал, без да не праша, без да не консултира, се носеле кобни одлуки и се правеле штетни компромиси на сметка на Македонија и за македонскиот народ. По многу векови имаме своја држава – Република Македонија. И сами одлучуваме за нашата иднина и за иднината на нашите потомци“, истакна Иванов.

Пред неговите поддржувачи, тој уште еднаш ја истакна својата цврста определба дека нема да дозволи Македонија да биде  пасивен набљудувач на меѓународните збиднувања. За разлика од него, Иванов забележа дека за разлика од противкандидатот, Стево Пендаровски и неговиот ментор Бранко Црвенковски, тој никогаш не прифатил дипломатски туризам.

„Секоја посета имала конкретен ефект. И секоја посета и средба имала нешто што и носи за просперитетот на Македонија. Затоа настојував да бидам присутен секаде каде што се зборува за Македонија. Секаде каде што можев да ги бранам интересите на Република Македонија, а со тоа и на граѓаните на Република Македонија“, истакна Иванов. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.