Иванов: Да не заборавиме за што ги положија своите животи овие млади луѓе

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили на АРМ, д-р Ѓорге Иванов, денеска во манастирот „ Св. Јоаким Осоговски„ кај Крива Паланка, присуствуваше на панихида за сите загинати бранители на Република Македонија од воениот конфликт во 2001 година и од настаните од мај 2015 во Куманово.

Во својот говор претседателот Иванов, истакна дека настанот се одржува пред големиот христијански празник, Прочка, кој во духот на христијанството и на нашите предци не учи да простуваме. Мора да простуваме, рече претседателот Иванов, но не и да заборавиме за што ги положија своите животи овие млади луѓе.

-Тука сме да им оддадеме почит на бранителите, но и на нивните најблиски,зашто тагата треба да се сподели, но и да им кажеме дека нивната жртва и дело нема да бидат заборавени. Овде има и инвалиди, повредени, велам, раните на телото зараснуваат, но раните на душата, никогаш. Затоа овој настан ќе прерасне во традиција за да сите идни млади поколенија знаат дека за ова што денес го имаме некој го дал животот, рече македонскиот претседател.

Јохан Тарчуловски рече дека денешниот собир е оддавање почит на сите бранители, но и порака до цела Македонија дека тие жртви не биле залудни.

-Има кој мисли на татковината, има Македонци патриоти чесни, кои до последна капка крв ќе се борат оваа држава да остане таква каква што е, зашто нашите предци ни ја оставиле во аманет и наша чест и одговорност е да ја браниме таа татковина. Оав не е никаква политика, не е ниту ВМРО, ниту СДСМ, ова е чиста одбрана на татковината. Никој не може да ја погази вољата на народот, а народот сака унитарна држава, со еден и единствен јазик, Македонски, рече Тарчлуловски.

На панихидата со која чиноначалствуваше намесникoт на Кривопаланечкото архиерејско намесништво, Александар Смиљков, присуствуваа и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, Слаѓана Митовска, пратеник во Собранието на РМ, градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, претставници на МВР, политички партии, воени инвалиди од конфликтот во 2001, членови на семејствата на бранителите и бројни граѓани.

Настанот е во организација на Здружението на воените инвалиди „Бранител 2001“, но присуствуваа членови на сите здруженија на бранители до државата.

Во конфликтот од 2001 година загинаа 135 бранители, а во настаните од мај 2015 во Куманово осуммина ги положија животите за татковината.