Иванов: Демократија е игра во која мора да сте присутни до крајот

Коментирајќи го бојкотот на опозицијата на Собранието, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов синоќа во интервју за Македонската телевизија, рече дека демократија е игра во која мора да сте присутни до крајот.

Кога сте го добиле мандатот, мора мандатот до крај да го исполните на основа на довербата што сте ја добиле од граѓаните, затоа што се случуваат толку брзи процеси и ако вие сте исклучени, тогаш како ќе знаете да се прилагодите и да бидете дел од тие процеси кои се случуваат во институциите. Меѓутоа секој си сноси одговорност за своите постапки, вели претседателот Иванов.

Сеуште, додава, транзицијата на демократијата во Македонија не е консолидирана до крај. Одговорноста е на секој за тоа, и она што се пренесува надвор лошо влијае за севкупните процеси кои ги води Македонија. Сето тоа се изразува и во извештаите, тоа се одразува кога сме на дневен ред, кога се расправа за Македонија“, посочува претседателот Иванов.

Граѓаните, вели претседателот, многу добро знаат кој работи во интерес на државата, кој се залага да се промени одредена состојба, кој нуди решение за сето она со кое се соочуваме и тоа знае да го награди или да го казни на изборите. – Ако не прифаќате она што е волја на граѓаните тогаш до вас е проблемот“, нагласува македонскиот претседател.

Оценувајќи ја имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, претседателот Иванов со став – тој носи поинаква одговорност за заедничката држава.

– Охридскиот договор, ако доведе до едни повисоки стандарди во однос на правата на заедниците, тој носи и поинаква одговорност за заедничката држава. Така што, се надевам дека во времињата кои доаѓаат повеќе акцент ќе се става на обврските и одговорноста за заедничкиот соживот, бидејќи тоа е потреба за сите нас. Секој треба поединечно да вложува во соживотот бидејќи доаѓаат генерации кои лесно се заведуваат од одредени радикални поединци, рече претседателот Иванов.