Иванов: Дијалог и размена на идеи за успешна трансформација за високото образование

Претседателот Ѓорге Иванов го повтори својот став дека дијалогот, размената на идеи и иницијативи е единствен начин што може да доведе до успешна трансформација на високото образование, соопшти неговиот кабинет по денешната средба на шефот на државата со професори од Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование.

– На средбата претседателот Иванов и претставниците на иницијативата разменија мислења за севкупните состојби во високото образование во Република Македонија и се согласија за неопходноста од спроведување реформи, како и за потребата од квалитетно високо образование. Претседателот Иванов уште еднаш изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и изрази жалење што беше одбиена иницијативата за одржување заедничка средба денеска на претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“, соопшти кабинетот на Иванов.

Приемот кај македонскиот претседател беше на барање на професорите од  „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“ за да му ги образложат своите видувања во врска со предложените законски измени во областа на високото образование и потребата од подигнување на квалитетот на високото образование. Тие сметаат дека реформите се во интерес на студентите, професорите и во интерес на развојот на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.