Иванов: Дијалог на Пленумците и Граѓанската иницијатива за надминување на состојбите

Одржување заедничка средба со претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“ предложил на денешната средба претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов со претставниците на Професорскиот и на Студентскиот Пленум која се одржа по нивно барање.

Како што соопшти неговиот кабинет, на средбата претседателот Иванов изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и повика на единство и дијалог, со цел надминување на актуелните состојби.

На средбата биле разменети мислења околу севкупните состојби во образованието во Република Македонија и била постигната согласност за неопходноста од спроведување реформи во образованието, како и за потребата од квалитетно високо образование.

– Претставниците на Професорскиот Пленум и на Студентскиот Пленум ги образложија своите видувања во врска со предложените законски измени во областа на високото образование. Претседателот Иванов рече дека на Република Македонија и е потребна успешна трансформација на високото образование, се вели во соопштението.

Македонскиот претседател најави дека во текот на утрешниот ден, по нивно барање, ќе ги прими и претставниците од „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.