Иванов до Николиќ: Македонија е подготвена да понуди помош на Србија за справување со поплавите

Претседателот Ѓорге Иванов остварил телефонски разговор со претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ, во кој изразил жалење за изгубените животи и настраданите во невремето и поплавите кои ја зафатија Република Србија.

Иванов порачал дека Република Македонија е подготвена да понуди помош и да ги стави на располагање своите расположливи ресурси со цел справување со последиците од невремето.

Двајцата соговорници се согласиле дека е неопходно засилување на регионалната соработка и координирана акција во справувањето со природните несреќи и катастрофи, кои се во се поголем пораст, а со цел нивна превенција и ублажување на последиците.