Иванов до Столтенберг: Македонија да го добие заслуженото членство во НАТО

Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, неопходно е да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата, со што ќе се создадат трајни придобивки за безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска на средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, на средбата станало збор за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса.

– Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството – рече претседателот Иванов.

Тој посочил дека Република Македонија ќе продолжи и понатаму активно да придонесува кон обезбедување на глобалниот мир и безбедност, преку учество и поддршка во мисиите предводени од НАТО.

Претседателот Иванов порачал земјите-членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на Алијансата.

 

ФОТО: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.