Иванов е првиот претседател што го посетил Пустец

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска ја продолжува дводневната официјална посета на Албанија со средба со македонската заедница во општина Пустец и со градоначалникот Едмонд Темелко. Тоа ќе биде прва посета на Пустец на највисоко државно ниво, од претседател на Македонија, објави МИА.

Пред посетата на Пустец, во Тирана е предвидена средба на Иванов со поранешниот албански претседател Бамир Топи.

Правата на македонската заедница во Албанија беа тема на вчерашната средба на претседателот Иванов со албанскиот претседател Бујар Нишани. Иванов вчера имаше средби и со премиерот Еди Рама, претседателот на Собранието Илир Мета, градоначалникот на Тирана Љуљзим Баша и со поглаварот на Албанската православна црква, Анастасиј Јунулатос.

Вчера беше испратена порака дека Македонија и Албанија имаат заедничка европска иднина, како и дека добрите пријателски и политички односи треба да се пресликаат и во економската соработка, а фокусот на идните активности да биде инфраструктурното поврзување.