Иванов: Фестивалот е пример како се негува соживотот во Македонија

Претседателот Иванов, денеска присуствуваше на свеченото отварање на 23. пролетен фестивал на веселби ,,Хид Бах Шен Фест” во Чалакли, Валандово.

Поздравувајќи ги учесниците на фестивалот, претседателот Иванов истакна дека фестивалот е пример како се негува соживотот во Македонија, пример како треба сето наследство од нашите предци да го оставиме на нашите потомци. Во духот на таа традиција, во духот на промовирање на заедништвото, на заедничкиот живот и просперитет на сите што живееме во Македонија, го прогласувам фестивалот за отворен, рече претседателот Иванов.

Заблагодарувајќи се за претходните посети на нивното населено место, жителите на Чалакли му ја честитаа победата на претседателските избори и искажаа огромна чест и благодарност до претседателот Иванов што по трети пат е гостин на ,,Хид Бах Шен Фест” во валандовско Чалакли.

На овој меѓународен фестивал кој традиционално го одбележува доаѓањето на пролетта, годинава свој настап имаа културно уметнички друштва ,,Гоце Делчев” и ,,Бахар” од Валандово, музичкиот состав на Министерство за култура на Република Турција, како и фолклорни групи од Турција, Романија, Бугарија, Грција, Србија, Косово и Босна и Херцеговина.

Манифестацијата ,, Хид Бах Шен Фест” со одлука на Министерството за култура на Република Македонија, од 2003 година е прогласена за манифестација од посебен национален интерес.