Иванов- Фишер: Австрија поддржува паралелно движење во ЕУ-интеграцијата на Македонија и решавање на билатералните прашања

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во рамки на Самитот на претседатели на „Процесот Брдо– Бриони“, кој се одржува во Будва, Црна Гора, денеска имаше средба со претседателот на Австрија, Хајнц Фишер.

На средбата, јави известувачот на МИА, беше изразено задоволство од севкупната билатерална соработка меѓу двете земји, како и од одржувањето на интензивниот политички дијалог на највисоко ниво.

Претседателот Иванов го запозна својот колега Фишер со актуелната политичко-безбедносна состојба во Република Македонија, како и со нивното влијание на економските процеси во земјата.

Во контекст на македонската интеграција во Европската унија, претседателот Иванов изрази очекување за натамошна силна поддршка од Австрија за неодложен почеток на пристапните преговори за членство и се заблагодари за досегашната континуирана и принципиелна австриска поддршка.

Претседателот Иванов предупреди дека блокадата на Република Македонија негативно се одразува на целиот регион и нагласи дека интеграцијата на земјата во ЕУ е во интерес не само на Македонија, туку и на регионот и на самата Унија.

Претседателот Фишер, поздравувајќи ја улогата на ЕУ во решавањето на политичката криза, нагласи дека Македонија треба да ги засили реформските процеси со цел надминување на слабостите посочени од Европската комисија, но истовремено дека ја поддржува силно евроинтеграцијата на Македонија и паралелното движење во интеграцијата и надминување на билатералните разлики.

Претседателот Иванов имаше средба и со српскиот претседател Томислав Николиќ, а синоќа учествуваше на работната вечера на земјите членки на „Брдо-Бриони Процесот“.

На состанокот, покрај Иванов, учествуваат и претседателите на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Австрија Хајнц Фишер, на Хрватска и на Словенија, Колинда Грабар – Китаровиќ и Борут Пахор, претседателите на Србија, Албанија и Косово, Томислав Николиќ, Бујар Нишани и Атифете Јахјага, како и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Младен Иваниќ.

Проширувањето на Европската унија, инфраструктурните проекти и енергетската безбедност се дел од клучните теми на годинашниот состанок на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот“ во Будва.

Процесот во 2010 го иницираа Хрватска и Словенија. Претседателите на државите од Западен Балкан и претседателите на Хрватска и Словенија со оваа иницијатива имаат амбиција да го зајакнат политичкиот дијалог меѓу регионот и ЕУ, користејќи ја поддршката и помошта од официјален Загреб и Љубљана како нејзини членки.