Иванов: Ги негуваме заложбите за почитување на заедничките вредности

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Подолу интегрално ви ја пренесуваме честитката:

Денешниот празник е посветен на една од најзначајните личности на српската историја и црква. Денот на свети Сава претставува еден од најзначајните верски и национални празници на српскиот народ, насекаде во светот. Српската, како и другите етнички заедници во Република Македонија, преку негување на традицијата и наследството од старите генерации гради цврсти односи на заемно почитување, разбирање и унапредување на општествениот и целокупниот развој на земјава.

Одбележувањето на денот на свети Сава, српскиот светец, просветител и државник, значи прославување на неговата мисла и дело, но и почит кон припадниците на српската заедница во земјава, кои учествуваат во создавањето и во зајакнувањето на Република Македонија на економски и општествен план.

Славејќи го денот на првиот српски aрхиепископ ја потврдуваме заедничката определба за соживот, меѓусебно разбирање и доверба. Во духот на неговото живеење и учење да ги потврдиме заложбите за негување и за почитување на заедничките вредности, да се обединиме во заедништво за да создадеме подобра иднина и поубав живот за сите наши граѓани.