Иванов ги однесе амбасадорите на Водици во Дојран

Претседателот Ѓорге Иванов со својата сопруга, Маја Иванова, синот Иван и членовите на дипломатскиот кор, учесници на традиционалниот дипломатски прием, денеска во Нов Дојран присуствуваа на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици, соопшти Кабинетот на Иванов.

Шефот на државата им го честита празникот на сите православни верници, истакнувајќи дека Богојавление е симбол на духовното раѓање и новиот почеток во животот на верникот.

– Како симбол на новиот почеток, Богојавление треба да нè потсетува да не се навраќаме на старото, туку да се стремиме кон живот исполнет со љубов, понизност, милост и солидарност. Да се престигнуваме со добрина, и да го градиме нашето мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество во мир, соживот и почитување на различноста – порача македонскиот претседател.

Задоволство од присуството на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Дојран, како што информираат од Кабинетот, изрази рускиот амбасадор Шчербак.

– Нам ни е многу драго што денеска сме присутни овде, на брегот на Дојранското Езеро, и што гледаме дека во Република Македонија, овој празник се одбележува масовно и со голема радост. На сите граѓани на Република Македонија би сакал да им го честитам овој прекрасен празник, на сите да им посакам добро здравје, среќа, радост, благосостојба и стабилност – рече амбасадорот Шчербак.

Најсреќен меѓу учесниците што влегоа во водите на Дојранското Езеро по светиот крст беше Мите Пејков од Нов Дојран, којшто упати честитки до сите православни верници. По крстот тој досега се фрлил девет пати, а по четврти пат успева да го фати.

Претседателот Иванов на Пејков му подари крст од Гевгелискиот регион и нему и на неговото семејство им посака здравје, благосостојба, бериќет и успеси. Пејков доби подарок икона од рускиот амбасадор Олег Шчербак.