Иванов ги прими акредитивните писма на амбасадорите од Шпанија и Турција

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Турција и на Кралството Шпанија за Република Македонија.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Турција, Омур Шолендил, беше изразено задоволство за одличните билатерални односи помеѓу Република Македонија и Република Турција кои се се на ниво на стратешко партнерство, и подготвеност за натамошно интензивирање и продлабочување на соработката во економијата, туризмот, културата, образованието и во други области од взаемен интерес.

ivanov1

Претседателот Иванов истакна дека високо го цениме фактот што Република Турција е долгогодишен и гласен поддржувач на употребата на уставното имe на нашата држава, и еден од најгласните промотори за интеграција на Македонија во НАТО.

ivanov2

-Република Македонија особено го вреднува фактот што Република Турција е конзистентна во безрезервната поддршка што ја дава за наше полноправно членство во НАТО. Мојот став е јасен и добро познат, членството на Македонија во НАТО не е придобивка само за нас, туку и за целиот регион и за Алијансата. Искрено, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име ви благодариме за севкупната силна и отворена поддршка“ истакна претседателот Иванов и додаде дека нашата држава е заинтересиранa за максимална соработка со Република Турција во рамките на Алијансата на цивилизациите, каде што двете држави имаат што да кажат и што да понудат, и која од ден на ден ја потврдува својата оправданост, истакна Иванов.

ivanov3

Амбасадорот на Република Турција, Омур Шолендил истакна дека ќе ги вложи сите свои напори се со цел да ги развиеме уште повеќе, веќе постојните извонредни билатерални односи и соработка.

-Нашата заедничка историја и култура, ја претставуваат потребната основа со цел нашите билатерални или мултилатерални односи и соработка да бидат постојано на едно привилегирано ниво. Една од основните постулати на овие односи е и присуството на нашите сонародници кои што живеат како лојални граѓани во една мултиетничка Македонија и чија што најголема желба е јакнењето на Република Македонија на секое поле“, порача амбасадорот Шолендил.

ivanov5

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија,  Рамон Абароа Каранс, беше изразено задоволство од пријателските македонско–шпански односи кои оваа година прослуваат јубилеј – 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и очекување за интензивирање на политичкиот дијалог, и продлабочување на соработката во сферата на економијата, образованието и науката.

Претседателот Иванов во поздравното обраќање се заблагодари за досегашната поддршка од Кралството Шпанија на планот на македонските европски и евроатланските интеграции, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

ivanov6

Високо ја уважуваме принципиелната и конзистентна политика на Кралството Шпанија за продолжување на процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан. Европските идеали и вредности се цврсто вкоренети во македонското општество. Ние сме безусловно посветени на процесот на консолидирање на една просперитетна Европа и градењето на заедничка европска иднина, порача македонскиот претседател.

-Шпанија секогаш ги подржуваше вашите евро-атлантски аспирации. Шпанија силно се залагаше за Процесот за Стабилизација и Асоциација за целиот Регион, усвоен на Европскиот Совет во Солун, во 2003 година. Исто така, Шпанија безрезервно го поддржува вашето зачленување во НАТО, особено во моменти кога во светот се случуваат големи конфликти и кризи од различен тип и кои претставуваат закана за сите, истакна амбасадорот Каранс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.