Иванов ги прими акредитивните писма од новоименуваниот апостолски нунциј

Претседателот Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот апостолски нунциј за Република Македонија, Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари.

Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари, изразил благодарност за можноста да му ги предаде акредитивните писма на македонскиот претседател, истовремено пренесувајќи ги импресиите на папата Франциск, од неодамнешната посета на Македонската делегација во Ватикан и во Рим, предводена од претседателот Иванов.

-Како апостолски нунциј би сакал да ве уверам Ваша Екселенцијо во мојата целосна посветеност во поддршката и одржувањето на општото добро на оваа прекрасна нација, преку помагање на Католичката црква, но и на сите граѓански и верски заедници, истакнал Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари.

Новоименуваниот апостолски нунциј додаде дека Светиот Престол и во иднина ќе продолжи со активното и динамично присуство во Република Македонија во насока на зајакнување на меѓусебната соработка.

На средбата, претседателот Иванов му посака добредојде на новоименуваниот апостолски нунциј во Република Македонија и успешно извршување на одговорната должност, упатувајќи поздрави и до Неговата Светост, папата Франциск, со желби за неговата натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје.

Историските врски меѓу двете земји навлегуваат длабоко во корените на глобалната духовност и универзалните христијански традиции, а важните личности и настани од заедничкото минато како што се светото дело на скопјанката Мајка Тереза и бесценетото наследство на светите апостоли Кирил и Методиј, претставуваат столбови на културниот образец на Европа, истакнал Иванов, оценувајќи дека сè уште постои неискористен потенцијал и простор за дополнително продлабочување на соработката меѓу двете земји.

Република Македонија, како што посочил Иванов е земја со мултиетничко и мултиконфесионално општество во која религиската различност се чува како богатство и фундамент на човековите слободи. Различните верски чувства се суштински дел на заедничката коегзистенција и на меѓусебната почит во ткивото на македонското општество.

Република Македонија и Светиот Престол споделуваат заеднички духовни, културни и цивилизациски вредности, кои претставуваат цврсти мостови меѓу двете земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.