Иванов ги прими хористките од „Света Злата Мегленска“

Претседателот орге Иванов, денеска ги прими членовите на женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“. Повод за средбата со македонскиот претседател беше успехот на хористките, – освоените два златни и еден сребрен медал на Светските хорски игри, што од 9 до 19 јули се одржаа во Рига, Република Летонија.

Македонскиот претседател, честитајќи го постигнатиот успех на хористките, им посака бројни успеси и во иднина.

„Честопати велам, да ја градиме Македонија во височина. Вие тоа го покажавте на најдобар начин, освојувајќи највисоки светски признанија и награди. Покажавте како се сака и се промовира Македонија. Ја презентирате во светот сета наша богата духовна култура и традиција. Не направивте навистина горди. Сите што придонесуваат со успеси во која било област, заслужуваат големо внимание и почит“, рече на средбата претседателот Иванов.

Членовите на хорот го информираа претседателот Иванов за освоените признанија и медали и истакнаа дека двата златни и еден сребрен медал во конкуренција од над 500 хорови од целиот свет е огромен успех за нив, но чувството дека со ова придонесуваат во културната промоција на Македонија им дава дополнителен мотив за продолжување на музичката приказна.

„Секоја награда за нас претставува нов предизвик да продолжиме по патот на успехот, постојано отворајќи нови поглавја“, истакна диригентот Летка Полизова-Димовска.

Членовите на хорот изведоа две хорски композии, докажувајќи ја уште еднаш својата големина во она што најдобро го работат, музиката.

Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ е формиран во 1996 година и зад себе имаат бројни настапи и освоени повеќе награди. Во Република Летонија се натпреваруваа во три категории духовна, световна и фолклорна категорија.