Иванов: Глобалната закана од тероризам не се решава со бирократија

Иванов: Глобалната закана од тероризам не се решава со бирократија
Иванов: Глобалната закана од тероризам не се решава со бирократија

Државите од Западен Балкан мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на Европската унија со непречен пристап до сите бази на податоци, истакна денеска претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во своето обраќање на Форумот Кран Монтана во Женева. ЕУ, предупреди тој, се соочува со сериозни закани од тероризам, насилен екстремизам и радикализација, форми на организиран криминал и бирократија, пренесува МИА.

Претседателот Иванов се обрати на отворањето на форумот посветен на глобалните закани за безбедноста и тероризам, меѓународната и регионалната соработка и превенција од конфликти, како и одговорот на прашањето за заканите врз меѓународниот бизнис.

– Глобалната закана од насилен екстремизам и од странски терористички борци не може да се реши со бирократски процедури, туку со дневно менаџирање на заканата, рече претседателот Иванов.

Справувањето со оваа криза, потенцираше тој, е можно само со целосно интегрирање на полициските и разузнавачките служби низ Европа.

– Неопходен е развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам, странските терористички борци и ризиците од илегалната миграција. Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно окружување, посочи Иванов.

Во таа смисла, додаде тој, потребна е поинаква соработка и комуникација меѓу субјектите на системите за национална безбедност на државите, единствен и координиран одговор на заканите, но и развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци.  Државите од Западен Балкан мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на Унијата со непречен пристап до сите бази на податоци, потенцира шефот на државата, секоја земја може да придонесе со тоа што ќе го споделува своето искуство.

– Помина времето кога европската безбедност и сигурност се чуваше само на тлото на Европа. Сега Европа се чува на Блискиот Исток, на Кавказот и во Северна Африка. Единствена долгорочна гаранција за мирот и за безбедноста во Европа е градењето мир и безбедност во кризните региони што се наоѓаат во непосредното и во поширокото европско соседство, рече Иванов.

Шефот на државата уште лани во декември во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН го изнесе својот став за формирање регионален центар за борба против тероризмот.

Надворешните граници на Европската унија и на НАТО не се чуваат, рече пред учесниците на форумот претседателот Иванов, посочувајќи дека механизмите за надзор и за контрола над државните граници потфрлија.

– Се нарушија билатералните односи меѓу државите. Се напушти солидарноста. Во оваа матна вода најлесно се снаоѓаат проблематичните категории како што се организираните криминални групи и нивните мрежи, истакна Иванов, осврнувајќи се на бегалската криза и стотиците илјади мигранти кои дојдоа во Европа.

Соочена со сериозни закани од тероризам, насилен екстремизам и радикализација, форми на организиран криминал и бирократија, додаде тој, „Европа се соочува со дилемата на Хобс: Како да се постигне баланс меѓу слободата и сигурноста, меѓу човековите права и безбедноста? Како Европа ќе ја разреши оваа квадратура на кругот?“.

Во годините што следат, посочи, ќе мора да се навикнеме да живееме во состојба на перманентна криза.

– Се покажа дека Балканот, Кавказот и Блискиот Исток го чинат Бермудскиот триаголник на Европа. ЕУ можеше да го разреши овој проблем со целосна интеграција на Балканот, но и со похрабра политика кон Блискиот Исток и Северна Африка. Наместо да се посвети на европската политика кон соседството, Источното партнерство, Евромедитеранската унија и Барселонскиот процес, Унијата покажа нерешителност и дозволи соседството да стане зона на конфликти, анархија и назадување, истакна шефот на државата.

Мигрантите, рече Иванов, ја потсетија ЕУ дека Балканот е клучен европски коридор што отсекогаш ја поврзувал Европа со Блискиот Исток и со Северна Африка.

– Мигрантската криза, што започна како хуманитарен и социјален феномен, сега веќе прерасна во сериозен безбедносен предизвик. Кон тоа придонесе неефикасната безбедносна и мигрантска политика на Унијата, смета претседателот на Република Македонија.

Иванов претпладнево имаше средба со генералниот директор на ОН во Женева Мајкл Милер, а планирано е денеска да ја посети и Школата за дипломатија и меѓународни односи во Женева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.