Иванов го честита Денот на наставата на турски јазик

Претседателот на Република Македонија по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик – 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

– Јазикот ја претставува душата на една нација. Во него е содржан кодот на идентитетот на еден народ. Можностa за образување, творење и напредување на својот мајчин јазик, е вредност која придонесува за развојот на културниот плурализам во државава. Република Македонија е сплет на различни култури и религии, кои меѓукултурно нè поврзуваат и нè обединуваат. Почитувајќи ги традицијата и посветеноста за негување и унапредување на меѓусебните односи во земјава,  го одбележуваме празникот на турската заедница како ден кој сплотува и ги зацврстува меѓусебните односи, вели македонскиот претседател во честитката.

Во оваа пригода, додава тој, не можеме, а да не ја споменеме и цврстата соработка со Република Турција, која се одвива во духот на пријателството, меѓусебното почитување и разбирање.  Како долгогодишни пријатели и стратешки партнери, вели Иванов, имаме постојан дијалог и интензивна соработка во реализацијата на проекти од различни области.

Претседателот Иванов во честитката истакнува дека во иднина треба заеднички да продолжиме да ги негуваме културните особености и да работиме на промоција на културниот, образовниот, економскиот и општествен развој на Република Македонија.