Иванов го победи Пендаровски со над 120.000 гласа разлика

Точно 122.235 гласови е разликата меѓу претседателските кандидати Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски, по вчера одржаниот прв круг од гласањето, велат податоците на ДИК.

Според обработени 99,72 отсто податоци од гласањето, Иванов освоил 448.304, втор е Пендаровски со освоени 326.029 гласови, а далеку за нив двајца се Илијаз Халими и Зоран Поповски. Халими има 38.965 гласови, а Поповски 31.360 гласови.

Излезноста на изборите, пак, е 48,86 отсто, односно на гласање излегле 868.193 граѓани, од вкупно 1,743.403 запишани гласачи, со што е исполнет законски предвидениот консензус од 40 отсто.

Оценката на Државната изборна комисија за вчерашното гласање е дека изборниот процес минал мирно, во една фер, демократска и коректна атмосфера. Со слична оценка за ситуацијата во јавноста излезе и Министерството за внатрешни работи.

Вториот круг од гласањето за претседател на Македонија ќе се одржи на 27 април.