Иванов го пресече гордиевиот јазол: Прекинати постапките против опозицијата и власта

Претседателот Ѓорге Иванов денеска донесе одлука да потпише аболиција за сите политичари против кои се води истрага, против кои е покренато обвинение, како и за еден политичар кој издржува затворска казна.

Иванов, во обраќањето до граѓаните нагласи дека одлуката ја донел во интерес на државата и на нацијата со цел да и стави крај на политичката криза.

– Со намера да придонесам во решавањето на кризата и релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, а свесен за последиците за државата и граѓаните ако ништо не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последициите врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република  Македонија, истакна Иванов.

Тој посочи дека одлуката што ја потпишал денеска, стапува во сила веднаш и оти стои зад неа.

Иванов оцени дека кризата е нечиј туѓ интерес и за нечии туѓи цели, за некој кој сака да ја оствари својата цел преку завојуваните политички лидери и нивните поддржувачи.

– Сето она што се случуваше во изминатиот период резултирарше со досега невидена политичка компромитираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување, бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа што работите отидоа толку лично и далеку. Си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства само да не бидат поразени на следните избори, зошто не знаат до каде оди другата стана во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата, рече Иванов во обраќањето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.