Македонија

Иванов го прими годинешниот лауреат Ко Ун

Иванов го прими годинешниот лауреат Ко Ун

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана” во Охрид, ги прими годинешниот лауреат, јужнокорејскиот поет Ко Ун, кој што се закити со наградата „Златен венец” и организаторите на 53-то издание на Струшките вечери на поезијата.

Македонскиот претседател, на годинешниот лауреат г.Ко Ун, му ја честиташе наградата „Златен венец”, една од најпрестижните светски награди, која што воедно е и најголемо признание за целокупната поетска дејност.

„Пишаниот збор е стожер на различните идентитети кои што го градат големиот мозаик на културни вредности од минатото сегашноста и иднината. Струшките вечери на поезијата ја отсликуваат вековната културна традиција на овој град и на Република Македонија, мост што ги поврзува јазиците културите и историјата од сите меридијани. Оваа светска поетска манифестација нуди нови можности за културна, но и политичко-економска соработка меѓу државите“, рече претседателот Иванов.

Годинешниот лауреат г.Ко Ун му се заблагодари на македонскиот претседател за укажаната чест, споделувајќи ги импресиите од досегашниот престој во земјава, како инспирација за натамошно интензивирање на комуникацијата меѓу Република Македонија и Јужна Кореја во сите сфери од заеднички интерес.

„Импресиониран сум од многу нешта во Македонија, од убавините на Струга, Охрид и Охридското езеро, од успехот на Струшките вечери на поезијата. Она што особено ме воодшевува е македонската култура, моделот на соживот и вредноста на почитта кон различностите, која македонскиот народ ја негува како низ вековите така и денес. Тоа е за почит“, истакна јужнокорејскиот поет Ко Ун.

Македонскиот претседател ги поздрави учесниците и организаторите на Струшките вечери на поезијата изразувајќи очекување дека успешната реализација на оваа врвна меѓународна културна манифестација ќе продолжи и во иднина, затоа што е од особено значење за презентацијата на македонското и светското поетско творештво, како и за збогатувањето на нашата култура и афирмацијата на Република Македонија во светот.

Годинешново 53-то издание на „Струшки вечери на поезијата“ се одржува од 21 до 26 август и ќе учествуваат околу 120 поети, меѓу нив педесетина од странство, од 34 различни земји. Новина која што од годинава редовно ќе биде застапена е поетскиот портрет на тројца значајни македонски автори. Годинава тоа се Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Влада Урошевиќ. Заедно со УНЕСКО ќе се додели наградата „Мостови на Струга“, а едно од најзначајните изданија годинава ќе биде антологијата на словачката поезија.