сабота, 26 ноември 2016  |  Вести денес: 19

Иванов го прими словачкиот амбасадор Мартин Безак

На средбата Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, бил информиран за приоритетите и предизвиците на Словачката Република како актуелен претседавач со Советот на Европската унија, и за можностите и перспективите на Република Македонија во однос на евроинтегративниот процес во наредниот период.

ivanov

Последни вести

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во вила „Билјана“ во Охрид го прими амбасадорот на Словачката Република во Република Македонија, Мартин Безак.

На средбата Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, бил информиран за приоритетите и предизвиците на Словачката Република како актуелен претседавач со Советот на Европската унија, и за можностите и перспективите на Република Македонија во однос на евроинтегративниот процес во наредниот период.

Амбасадорот Безак истакнал дека Словачката Република ќе настојува максимално да ги реализира приоритетите на нивното претседателство и дека во однос на земјите од Западен  Балкан,  ќе се залага за продолжување на политиката на проширување и обезбедување на одржлива миграциона и азилна политика.

Претседателот Иванов, нагласил дека претседавањето се случува во период кој никогаш не бил покомплексен и со повеќе предизвици како за ЕУ, така и за Европа во целина, посакал успех и истакнал дека Република Македонија како и досега ќе биде конструктивен партнер на Европската унија и на словачкото претседавање во соочувањето со предизвиците.

Македонскиот претседател изразил очекување дека Словачката Република како докажан пријател и партнер на Република Македонија, ќе вложи напори и засилена поддршка со цел да се постигне исчекор во македонските евроинтеграции, посочувајќи дека за Република Македонија од круцијално значење е да ги отпочне пристапните преговорите за членство во Европската Унија. Тоа ќе придонесе, истакнал претседателот Иванов, за одржување на  кредибилноста на политиката на проширување, но истовремено ќе претставува позитивен поттик за консолидирање и стабилизирање на внатрешната политичка состојба во Република Македонија и целосно фокусирање на сите општествени и политички чинители на реформските прашања.‎

„Интегративниот процес во ЕУ и НАТО што ужива национален консензус и поддршка е сила која освен што го обединува општеството, истовремено  го придвижува кон реформските процеси и достигнувањето на стандардите. Статус – кво состојбата има обратен ефект“, истакнал на средбата претседателот Иванов.

Двајцата соговорници размениле мислења и информации во однос на клучните предизвици со кои се соочува ЕУ, како што се безбедносните закани, бегалската криза и падот на довербата во Европската унија.

Најчитани вести