среда, 30 ноември 2016  |  Вести денес: 32

Иванов, Грабар Китаровиќ, Пахор: Македонија добро се справува со бегалската криза

иванов

Последни вести

Состојбата на македонско-грчката граница попладнево е стабилна и мирна, но се уште тензична и загрижувачка.

Претседателите на Македонија, Хрватска и на Словенија, Ѓорге Иванов, Колинда Грабар Китаровиќ и Борут Пахор, денеска и покрај најавата и нивно инсистирање, од безбедносни причини не го посетија граничниот камен 59 на македонско-грчката граница, по барање на полицијата.

Тројцата претседатели ги посетија здружените полициски сили и привремениот транзитен центар за мигранти во Гевгелија.

Македонија по затворањето на балканската рута коректно ги извршува своите обврски во справувањето со бегалската криза и обезбедувањето на јужната граница, но Европа мора да им прати јасен сигнал на луѓето кои со месеци чекаат дали ќе ги прими или не, порачаа денеска од Гевгелија претседателите Иванов, Грабар Китаровиќ и Пахор при нивната заедничка посета на здружените полициски сили и привремениот транзитен центар за мигранти во Гевгелија.

– Се надеваме дека луѓето што се останати во кампот наскоро ќе заминат затоа што по последните инциденти имаме притисок од мигрантите кои сакаат повторно да се отвори коридорот. Меѓутоа, коридорот е во ваква состојба со одлука на Брисел и ние ќе ја почитуваме таа одлука се додека е на сила, односно ќе остане затворен просторот низ кој досега минаа речиси милион мигранти. Благодарни сме на Хрватска и Словенија што ни помагаат со полициски сили за обезбедување на границата со Грција, но и за големата материјална помош, како и поддршката што од нив ја имаме од Брдо Бриони процесот кој отвора прашања од целиот наш регион. Се надевам дека на следната средба од Процесот ќе разговараме и за бегалците, рече претседателот Ѓорге Иванов.

Претседателот на Словенија Борут Пахор потврди дека со Хрватска преку Брдо Бриони процесот ќе инсистираат за напредувањето на Македонија кон Европа и НАТО.

– Македонија веќе подолго време не напредува, но не поради Европа и НАТО, туку поради домашните случувања, политичката криза и нерешени прашања со некои од соседите. Јас сум убеден дека преку демократски процеси сите тие може да се решат и потоа да се бара компромис за евроатлантската интеграција на Македонија. Благодарен сум што Македонија моментно е главен браник на својата, но и на нашата земја и ЕУ, рече Пахор и изрази надеж за брзо решавање и надминување на бегалската криза.

Претседателката Грабар Китаровиќ потенцира дека ЕУ мора во најскоро време да прати јасни одговори затоа што оваа криза нема да престане додека тие пораки не бидат конкретни и јасни.

– Ситуацијата на границата со Грција е тешка поради тоа што мигрантите од грчка територија и понатаму се обидуваат да поминат и да ја отворат балканската рута, но таа ќе биде затворена се додека државите кои се посочуваат како крајна дестинација на бегалците не се изјаснат дали ќе ги примат или не, рече Грабар Китаровиќ.

Грабар Китаровиќ истакна дека Хрватска ќе продолжи да и помага на Македонија во справувањето со бегалската криза и нејзиното евроатлантско пристапување и ги охрабри сите политички чинители да продолжат да ги решаваат проблемите кои доведоа до политичка криза, да продолжи договорот од Пржино и преку демократски избори да се одлучи по кој пат ќе продолжи Македонија.

Претрходно, како што за МИА информираа од МВР, во 11.30 часот околу 200 мигранти кои биле информирани за најавената посета од страна на тројцата претседатели, почнале да викаат и да го нарушуваат јавниот ред и мир и да се приближуваат кој македонската линија, со цел да го привлечат вниманието од европската јавност. Од страна на полицијата бил употребен солзавец за да дојде до нивно смирување.

Ситуацијата, посочуваат од МВР, е ставена под контрола, откако мигрантите биле информирани дека е откажана посетата на Иванов, Пахор и Грабар Китановиќ.

Најчитани вести