Иванов: Граѓаните признаваат, препознаваат и наградуваат

Со вашиот глас кажавте дека верувате во Македонија. Вашите гласови се за успехот кој го имаме во економијата, во дипломатијата, во спортот и во уметноста, во образованието, во здравството, во секоја сфера од животот во Македонија каде се спроведуваат реформи. Во секоја сфера каде се подобрува квалитетот на услугите и на животот на граѓаните на земјава, истакна  кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, пред граѓаните на Крива Паланка.

„Гледате дека состојбите во Македонија се менуваат на добро. И тоа вие го препознавате. Гледате дека се градат автопатишта, се градат патишта, железници, се градат фабрики низ Република Македонија. Но се градат и училишта, се градат болници.  Тоа е резултат на растот на економијата во Македонија. Кога расте економијата, се расте во државата. Ви благодариме што го поддржавте тој концепт. Концептот на економска успешна и просперитетна Република Македонија. Но, тоа е резултат на тимска работа, тоа е резултат на заедништво, тоа е резултат кога се работи без прекин. И јас, и премиерот Груевски и министрите, и пратениците, и градоначалниците покажаа дека кога се работи во интерес на сите граѓани, а граѓаните тоа го признаваат, препознаваат и наградуваат. Затоа ви благодариме за вашата доверба и за вашиот глас“, посочи Иванов.

Тој уште еднаш ја побара довербата од граѓаните, за, како што кажа, да се продолжи со реализација на ново ветените проекти.

Иванов потсети дека резултат на тимската работа се петте позитивни извештаи и петте препораки за почеток на преговори во Европската унија, како и обезбедувањето на визна либерализација.

„Во изминатиот период, како Претседател на Република Македонија економијата ја ставав на исто ниво како и безбедноста, меѓународната политика и внатрешната политика на земјата. Но, за да биде Македонија безбедна, сигурна, и меѓународно ценета, Македонија мора да биде економски силна и развиена земја. Сето тоа што го правевме до сега, го правиме за да се отворат нови можности за македонската економија, и нови пазари за македонските производи и македонските стопанственици. До колку ја добијам вашата доверба, и во следните 5 години ќе продолжам со ист интензитет, со иста посветеност за развој и просперитет на Република Македонија“, изјави Иванов.