Иванов за Мега ТВ: ЕУ да и’ помогне на Грција да го испразни Идомени

Европската Унија да и помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени, побара македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во интервју за грчката телевизија Мега, по неделниот инцидент на јужната граница и обидот на поголема група мигранти насилно да влезат во Македонија, јавува МИА.

Македонските институции го преземаа сето она што требаше да биде преземено од грчките институции за да се спречи обид за масовно влегување на мигранти на наша територија. Така што ја повикувам ЕУ да и помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени од каде доаѓаат  во последно време сите илегални обиди за поминување на наша територија  и долж коридорот кој е затворен со одлука на Брисел. Се дури постои таа одлука, ние ќе ја почитуваме и нема да дозволиме илегален премин на наша територија. Не доликува на земја – членка на ЕУ и НАТО, земја која учествувала во носењето на оваа одлука за затворање на коридорот, да не ја почитува таа одлука и да дозволува да се загрозува територијата на нејзина соседна држава со илегално минување на мигранти, изјави претседателот Иванов.

Посочи дека од грчката страна немало никаква информација за случувањата во Идомени и можноста за инцидент.

Воопшто не постоеше никаква координација нити пак информирање за сето она што се случуваше во кампот Идомени. Доколку ги имавме ние информациите можеше да се превенира и да се превземат активности да не дојде до овој инцидент. Слична е состојбата и со другите институции кои не ги разменуваат информациите кои се неопходни за да се спроведе одлуката која е донесена во Брисел  на Европскиот совет, за затворање на Балканскиот коридор, рече претседателот Иванов.

Прашан за реакциите на грчките власти по неделниот инцидент, Иванов со став:

Грчкото Министерство занадворешни работи наместо да праќа демарши требаше да не извести за сето она што се случува со денови во кампот Идомени, од страна на таканаречени волонтери – лица кои го организираа сево ова и делеа летоци на арапски јазик и вршеа подготовка за насилно влегување на наша територија. Нашето Министерство за надворешни работи ги извести сите земји долж балканската рута и членките на Европската унија за сето она што се случуваше за време на инцидентот затоа што се е снимено и се е документирано. Но, освен тоа припадниците на полицијата на земјите- членки на ЕУ кои и помагаат на нашата полиција ги известија своите земји за сите детали од овој инцидент, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател во интервјуто потсети и на неодамнешниот обид за илегален влез на поголема група мигранти на македонска територија, а посочи и на товарот што земјата го носи во справувањето со кризата.

Ние веќе имавме несреќен случај на 14 март кога имаше исто така, ваков обид за насилнa илегална миграција на наша територија. Тогаш, да ве потсетам,  имаше три жртви кои се удавија во реката од надојдените дождови. Но, од прогласувањето на кризна состојба до денес, ние имаме стотина повредени припадници на безбедносни сили, од инциденти кои се случуваат од грчка територија на наша територија. Исто така, имаме и оштетување на средствата и опремата на нашите безбедносни сили, како и оштетување на имотот на граѓаните и на државата, рече претседателот Иванов.

Прашан за оценка на нивото на билатералните односи меѓу двете земји, Иванов со коментар дека бегалската криза била можност односите меѓу Македонија и Грција да бидат на многу повисоко ниво, бидејќи се справуваме со предизвик кој ги засега и двете држави.

Но, таа можност од грчка страна беше испуштена, иако се уште постои време. Таканаречените мерки за градење доверба се градат на конкретни активности и настани, а не само на бирократски мерки и активности кои се најавуваат, вели претседателот Иванов за Мега ТВ.

Во однос на аспирациите за членство во ЕУ и во НАТО, Иванов дециден – Македонија ги исполни обврските, на потег се ЕУ и НАТО.

Што се однесува за нашето членство во НАТО и Европска унија можам да кажам дека Македонија се што беше потребно за да биде членка на НАТО го исполни во 2008 година кога Грција не блокираше, а се што беше потребно за да ги почнеме преговорите со Европска унија ние го постигнавме уште во 2009 година кога го добивме првиот позитивен извештај и препораката да ги почнеме преговорите. Така што, што се однесува за Македонија и обврските коишто би требало да ги исполни, Македонија ги има направено. Сега е на потег НАТО и Европската унија да ги исполнат обврските кои ги имаат кон Македонија, изјави претседателот Иванов во интервју за грчката телевизија Мега.