Иванов- Хојт Брајан Ји: Интензивирање на стратешкото партнерство со САД и продлабочување на соработката

Претседателот, Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Хојт Брајан Ји, заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави.

На средбата беа разменети мислења околу севкупниот развој на билатералните односи меѓу Македонија и Соединетите Американски држави, како и за состојбите во врска со европската и евроатланската перспектива на Република Македонија.

Во однос на стратешките приоритети на Македонија, претседателот Иванов истакна дека земјава останува целосно посветена на членството во НАТО и Европската Унија и изрази очекување за американска поддршка и ангажман пред следниот НАТО самит во Велика Британија.

„Постојат два начина, Македонија да го заземе заслуженото место во Алијансата, што ќе биде од корист за целиот регион. Првиот е преку безусловно почитување на Времената спогодба и пресудата од Хаг, и вториот е изнаоѓање на заемно прифатливо решение за наметнатиот спор во согласност со рамката во која се води процесот. За деблокада на нашите стратешки цели неопходна ни е поддршката и ангажманот на САД“, рече претседателот Иванов на средбата.

Во однос на разговорите околу прашањето за името претседателот Иванов укажa дека јужниот сосед продолжува со неодговорно однесување, избегнување на контакти и непочитување на рамката на разговорите.

„Непридржувањето до рамката во која се води процесот во Обединетите нации, непочитувањето на пресудата од Хаг, не не придвижува кон постигнување на заемно прифатливо решение. Затоа очекуваме од нашите сојузници, пред се од САД, во име на поширокиот интерес да побараат разумно однесување од страна на Грција“, истакна претседателот Иванов.

На средбата со заменик помошникот на државниот секретар на САД, беше потврден интересот на Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекување за натамошно продлабочување на севкупната билатералната соработка.

Во тој контекст, македонскиот претседател изрази задоволство од интересот во САД за инвестициските можности во Република Македонија, како и очекување за продлабочување на економската соработка и унапредување на динамиката на политичкиот дијалог на сите нивоа.

На средбата беа разменети мислења и информации и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа.