Иванов и Чавков разговараа за мигрантската криза

Претседателот Ѓорге Иванов и министерот за внатрешни работи  Митко Чавков на денешната средба, што се реализира по донесените заклучоци на одржаниот состанок на челниците на ЕУ во Брисел, разговараа за мерките и активностите што се преземаат за превенција и за справување со влез на илегални мигранти во регионите зафатени со кризната состојба и нивното движење низ територијата на Република Македонија.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Иванов, констатирано е дека сите субјекти кои учествуваат во системот за управување со криза функционираат со зголемени активности и  се соочуваат со недостиг на капацитети во материјална, кадровска, техничка опременост и превозни средства.

Чавков информирал дека МВР побарало помош и асистенција од ЕУ во остварување на системот за превенција за дополнување на потребните капацитети.

– Република Македонија како транзит територија на Балканскиот мигрантски коридор се соочува со последиците од однесувањето на земји-членки на Унијата. Една земја-членка со организирани институционални капацитети ги наведува мигрантите кон нашата јужна граница, додека други земји-членки го попречуваат нивното движење кон посакуваната држава во Унијата, рекол министерот Чавков, се наведува во соопштението. Тој додал дека Балканскиот мигрантски коридор во изминатите десетина дена во неколку наврати е прекинуван.

МВР констатира дневен влез на 6.000 до 7.000 странски државјани, а информациите и анализите говорат за зголемување на бранот на мигранти во месеците кои доаѓаат. Полициските сили кои имаат поддршка од единици на Армијата, се посочува во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов, ќе се соочат со работа во крајно сложена активност.

– Доколку се прекине коридорот и се затворат границите, но и поради временските прилики, Македонија ќе биде принудена да примени планови со соодветен одговор за да ја заштити својата национална безбедност, рекол министерот за внатрешни работи.

Во наредниот период, информирал на средбата Чавков, МВР ќе се соочи со дополнителен предизвик во остварување на својата надлежност во системот за јавна и државна безбедност за употреба на своите капацитети потребни и за обезбедување на изборниот процес и избирачките места на територијата на Република Македонија.

Претседателот Иванов побарал развој на програми за постојано информирање и поддигнување на свеста кај граѓаните и општеството за заканата и ризиците од илегалната миграција со која се соочува Република Македонија.