Иванов и дипломатите на презентација за Крушево

Претседателот Ѓорге Иванов и членовите на дипломатскиот кор акредитирани во Република Македонија денеска присуствуваа на презентацијата на градоначалникот Ѓорги Дамчевски за Крушево, неговите историски, културни, туристички и економски потенцијали и за развојот на општината.

Во презентацијата Дамчески нагласи дека највисокиот град на Балканот има богата историја, долга шест века и е првата Република на Полуостровот од 1903 со Илинденското востание. Крушево е Град музеј.

– Крушево е музеј на отворено, единствен и препознатлив по елеганцијата на крушевската староградска куќа и не случајно државата и Министерството за култура ја реставрира и конзервира староградската архитектура. Но и покрај сите заложби, потребни се дополнителни средства од меѓународните фондови за заучувување на културното наследство, рече Дамчески.

Крушево е препознатлив по сакралните објекти, цркви, манастири по бројот на музеите.

– Посебни места се Галеријата на Никола Мартиноски, Музејот на Илинденското востание, леарницата, споменикот „Илинден“. Импресионира Спомен куќата на Тоше Проески која како архитекторнско решение е прогласено за најдобро 2011 во Барселона, нагласи Дамчески.

За градоначалникот Дамчески, Крушево има големи потензијали за развојот на туризмот.

– Крушево располага со скијачки терени иако опремата е доста застарена и секоја помош за нејзино обновување е добредојдена. Посебно внимание привлекуваат манифестациите „Десет дена Крушевска република“, „Крушево-етно град“, а посебна атракција се терените за параглајдерство и светските купови кои се одржуваат во јули и август, рече Дамчески.

Претставувајќи го Крушево пред дипломатскиот кор во земјава, градоначалникот Дамчески рече дека се подготвува документацијата за Туристичка развојна зона, формирана е индустриска зона за лесна индустрија, за капшацитети за индустриски и земјоделски култури, а локалната самоуправа им нуди бенефиции на инвеститорите.

Претставниците на сите амбасади во земјава и на меѓународните асоцијации го проследија и претставувањето на проектот „Македоника“ на Фондацијата за негување на македонското културно наследство „Македоника“.

Британскиот амбасадор во земјава Чарлс Едмунд Гарет, говорејќи на македонски рече дека е прв пат во Крушево и со нетрпение очекува подобро да го запознае градот.

– Внимателно го слушавме градоначалникот како го претстави градот. Овде со другите дипломати имаме прилика да поразговараме. Ние сите ја поддржуваме Македонија, рече амбасадорот Гарет.

За амбасадорката на Франција, Лоренс Оер задоволство е по втор пат да дојде во Крушево. Таа верува во големите потенцијали на градот и, како што рече, сето тоа ќе го пренесе во својата земја.

Оер рече дека со внимание го слушаа синоќешното обраќање и пораката што ја упати претседателот Ѓорѓе Иванов.

– Ова е многу важна средба и е одлична можност да се слушне пораката на претседателот Иванов. Наша задача е да ја пренесеме до владите на земјите кои ги застапуваме овде и да работиме заедно на патот на европската интеграција на Република Македонија. Одлична е можноста да се биде овде со претседателот и со другите амбасадори, истакна таа.

Претседателот Иванов при синоќешното обраќање до дипломатскиот кор во Крушево нагласи дека годинава се навршуваат 10 години од кандидатскиот статус на Македонија, години исполнети со реформи, работа и со цврста увереност за европската иднина на Македонија, но и со непринципиелни блокади на нашиот пат.

– Сакам да пратам јасна порака до нашите европски партнери дека македонските граѓани очекуваат Европскиот совет да најде начин Македонија да ги започне преговорите за членство. Градејќи ја Европа во Македонија, сакаме Македонија да биде во Европа, истакна македонскиот претседател.

Нашата цел, како што посочи Иванов, не е да бидеме товар, туку да придонесеме кон успехот на европското и евроатлантското семејство во кое ја гледаме нашата иднина.

– Затоа, продолжуваме да негуваме пријателски односи со вашите држави, да развиваме уште поповолна бизнис-клима и поконкурентна економија заснована врз знаење и одржлив развој. Продолжуваме да градиме нова, динамична и извозно-ориентирана индустрија со производи и услуги конкурентни на европскиот и светскиот пазар, нагласи Иванов.

Претседателот Иванов и дипломатскиот кор ги посетија споменикот „Илинден“ и Спомен куќата на Тоше Проески, а се прошетаа и низ Крушево.