Иванов и Нимиц ја разгледаа актуелната состојба во разговорите за надминување на разликите околу името

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во неделата го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за разликата околу името и на средбата беше разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање, соопштија од кабинетот на шефот на државата.

Претседателот Иванов ја поздравил конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење на доверба меѓу двете држави и повикал на нивно проширување и внесување на нови содржини.

Македонскиот претседател порачува дека Република Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на Обединетите нации и истакнал дека е потребно да се создаде позитивен амбиент со цел подобро разбирање и почитување.

„Македонската страна со години наназад дава континуиран придонес и иницијативи во насока на градењето на доверба меѓу двете држави и двете општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион”, истакнал претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Нимиц.

Претседателот Иванов посочил дека во процесот кој се води во рамки на Обединетите нации, неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите, односно резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во таа насока, претседателот Иванов ја потенцирал потребата од почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.