Иванов и Ван Ромпуј: ЕУ-агендата е најважна и сите треба да и се посветат

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, по нивната денешна средба во Брисел во која неодамнешните избори во земјата беа главна тема, испратија заедничка порака до сите политички чинители кај нас дека ЕУ-агендата е најважна и oти сите треба да и се посветат.

„Посетата на Брисел беше во функција да се укаже на јасната определба на ЕУ-иднината на Македонија. Таа јасна порака беше укажана на средбите, а моите соговорници пријавија интерес за актуелните случувања во нашата земја. Тие упатија јасна порака до сите политички чинители во нашата земја сериозно да пријдат на целиот процес на евроинтеграции и да покажат одговорност во овој процес, бидејки евроинтеграциите се одговорност на сите политички чинители во секоја земја, истакнал Иванов во изјава за МИА.

Во своето пишано соопштение лиферувано по средбата, Ван Ромпуј посочи дека денеска во Брисел го пречекал македонскиот претседател и му честитал на неговиот реизбор. Тој вели дека двајцата дискутирале за неодамнешните избори и за пост-изборната ситуација во земјата и се согласиле дека дијалогот и соработката треба да се негува кај сите политички партии.

– Инклузивен демократскиот процес е од најголема важност за да се обезбеди натамошна стабилност и напредок. Во овој контекст го поздравив повикот на претседателот Иванов да се надминат партиските и личните интереси и го охрабрив да допре до сите заедници и сите етникуми во духот на Охридскиот рамковен договор. Ја истакнав оценката на ОБСЕ/ОДИХР, во која се укажува на ефикасно спроведување на изборите, но исто така ја повторив загриженоста на ОБСЕ во повикот за поделба меѓу државата и партиските активности и неутралноста на медиумите. Енергично граѓанско општество и слободни и независни медиуми се одлични средства во било која земја, порачува челникот на Европскиот совет.

Претседателот Иванов, пак, додаде дека Ван Ромпуј, но и комесарот за проширување Штефан Филе, со кого се сретна утринава, биле информирани за настаните во нашата земја, при што разговарале за многу аспекти од политичкиот живот во нашата земја и за се што се случува во регионот. Тој вели дека од негова страна било укажано да се користтат позитивните искуства од регионот, каде има случај на паралелно одвивање на двата процеси, како на процесот на преговори, така и на пронаоѓање решение за билатералната разлика.

„Укажавме дека се она што се случува последниве години, нас во Македонија не фрустрира, како населението, така и политичките чинители. Како резултат на таа фрустрација го имаме она што се случува во однос на актуелната ситуација во земјата и затоа побаравме поголема посветеност кон Македонија. За граѓаните да ги почувствиваат бенефитите од целиот процес во кој вложила нашата земја“, посочил Иванов.

Македонскиот претседател додаде дека е јасно оти сега е период на избори во ЕУ кога сите се загрижени каде ќе биде нивната политичка иднина и кариера.