Македонија,Политика

Иванов: Имаме успеси, бараме мандат за тие да продолжат

Иванов: Имаме успеси, бараме мандат за тие да продолжат

Два дена пред првиот круг на претседателските избори, пред битолчани се обрати и претседателскиот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов. Тој на почетокот во својот говор ја истакна важноста од соработка на државните институции и досегашната тимска работа на претседателот, премиерот Груевски и министрите, но и пратениците, и советниците и градоначалниците.

„Имаме успеси. Се гледаат и се чувствуваат. Нема област од секојдневниот живот, каде што нема некоја промена. И кај пензионерите, и кај земјоделците, и кај учениците, и кај студентите, секаде се чувствува промена. Но, има уште многу, многу за работа. Затоа постои потреба од нов мандат, за тимот да продолжи да работи. Недела е ден на избори. Ме слушнавте и мене, ги слушнавте и противкандидатите. Ваше е да изберете. Вие носите одлука, како ќе изгледа Македонија во следните години. Дали ќе продолжи соработката со институциите, дали ќе постои тимска работа, дали ќе постои заедничка цел, просперитет во Македонија, или повторно ќе имаме конфронтирање, блокади, докажувања, самобендисаност, лични интереси“, рече Иванов.

Тој уште еднаш ја побара довербата од граѓаните, уверувајќи ги во одговорноста на веќе проверениот тим, кој работи за просперитет на земјава.

„Eдно прашање особено не преокупира. Ни го оставија во наследство некои други, неодговорни политичари. Успеавме, заедно со тимот што го предводеше Антониo Милошевски, како министер за надворешни работи, да докажеме, со пресудата на Меѓународниот суд дека водиме исправна политика. Таа пресуда кажа дека Македонија постапува вистински, постапува праведно. Тоа е потврда дека сме на вистинскиот пат и дека мора да истраеме. Пресудата кажа дека Македонија може да си го користи своето име во обраќањето со другата страна и со другите земји. Никој не може да не спречи сами да не си го користиме своето име. Иако имаме и такви обиди. И затоа во мојата програма јасно стои: не прифаќам промена на Уставот, за промена на уставното име. Нити прифаќам идеи, иницијативи, кои се спротивни на интересите на граѓаните на Република Македонија, кои посегаат по нашиот идентитет, нашиот јазик и нашиот модел на соживот. Затоа што сите сме Македонија. Затоа се граѓаните тие што носат одлуки по такви прашања“, им порача Иванов на биточани.