Иванов имаше средба со Орав и со Волерс

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска се сретна со американскиот амбасадор Пол Волерс, со европратеникот Аиво Орав, со заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ,Мариан Берц и со претставникот на Канцеларијата за врски на НАТО, потполковник Маријан Ивануша.

„На средбата биле разменети мислења и информации околу состојбите и очекувањата во врска со членството на Македонија во ЕУ и НАТО, добрососедските односи и регионалните прашања, како и за актуелните внатрешно политички случувања во државата“, соопшти Кабинетот на претседателот.

Македонскиот претседател порачал дека е потребно надминување на статус кво состојбата на евроатланските интеграциите на Македонија, со што би се придонело кон надминување на предизвиците во државата и на регионот.

На средбата се размениле мислења и за последните настани поврзани со протестите поради случајот „Монструм“, при што соговорниците се согласиле дека протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не може да се толерира.

„Соговорниците заклучија дека секој меѓуетнички инцидент или обид за поттикнување нетолеранција претставува можност за политизирање или искористување на ситуацијата за лична или политичка корист. Исто така беше констатирано дека настаните што се случија се и можност за отворен дијалог и зацврстување на односите меѓу граѓаните од различна етничка и религиозна припадност“, се нааведува во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.