Иванов именува нов директор на Агенцијата за разузнавање

Зоран Иванов досега ја извршуваше функцијата началник на военото разузнавање во рамки на службата за воена безбедност и разузнавање. Тој е професионален кадар на Министерството за одбрана и активен воен персонал со борбено искуство во извршување на операции во земјата и меѓународните одбранбени мисии во странство.

По завршување на воената академија во Скопје е поставен на должност во батаљонот за специјални операции и е учесник во конфликтот во 2001 година. Одликуван е со медал бронзена ѕвезда за храброст од департментот за одбрана на САД за извршување на должност командир на воениот контингент и вршење на специјални операции и поддршка во Ирак во 2006 година. Има завршено и магистрирано на колеџот за команда и генералштаб во Форт Левернворт, САД, а докторирано на Институтот за националната историја на Република Македонија. Од 2009 година е началник на военото разузнавање. Покрај борбеното искуство, специјалист е за специјални операции и психолошко војување.

Досегашниот директор Наќе Чулев, како што стои во соопштението, продолжува да биде дел од професионалниот состав на Агенцијата за разузнавање и во соработка со новоименуваниот директор ќе ги продолжат отпочнатите процеси за трансформација на Агенцијата за разузнавање, чија мисија е собирање податоци за информирање во одбрана на државата, заштита на националната безбедност и остварување на интересите во странство на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.