Иванов изрази сочуство за смртта на Џон Битов

По повод смртта на канадскиот стопанственик со македонско потекло, Џон Битов, Претседателот Ѓорѓе Иванов упати писмо во кое изразува сочуство до Џон И. Битов, помладиот.

Иванов со длабоко жалење ја примил веста за смртта на Битов

Џон Битов беше голем македонски родољуб и филантроп, кој ја сакаше Македонија и со зборови и со дела. Тој даде пример за тоа како треба да се промовира вистината за Македонија и како треба да се негуваат македонското име, идентитет и вредности. Во таа смисла, тој беше уверен дека никој не може да ни ја одземе нашата сопствена независна земја со слободите кои се заработени и името кое е избрано од страна на Македонците, стои во писмото со сочувство до семејството Битов.

Речиси четврт век Џон Битов, посочува Иванов, упорно работеше за поддршка на развојот и за напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и за нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со пријателска Канада. Затоа, кога прославувавме 20 години од независноста, ја имав честа, во името на благодарните македонски граѓани, да го одликувам господинот Џон Битов со Орденот „8 Септември“.

– Многумина Македонци се инспирирани од него и чекорат по неговите стапки, инвестирајќи во својата татковина. Република Македонија е горда што го имаше Џон Битов кој ја поддржуваше државата и ги застапуваше нашите интереси на глобално ниво. Тој започна процес на сплотување за повисоката цел и јас сум навистина почестен што лично го познавав, наведува претседателот Иванов.

 

 

На 10 септември 2011. година Иванов го одликуваше Џон Битов со Орден „8 Септември“, за исклучителната посветеност и ангажираност во поддршката на напредокот на Република Македонија и нејзина афирмација во светот како независна и демократска држава, како и за придонесот во развојот и унапредувањето на односите и соработката со пријателска Канада.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.