Иванов ја поддржа кампањата против насилството врз жените

Претседателот Ѓорге Иванов ја поддржа меѓународната кампања против насилството врз жените и девојчињата „Обој го светот во портокалово за 16 дена“.

Во пораката што денеска ја објави неговиот Кабинет, претседателот Иванов истакнува дека жената е столбот на семејството и нераздвоен дел од политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот во Македонија.

– Должни сме да го почитуваме и унапредуваме правото на жената да се образува, да го живее својот живот и да ги подига своите деца со љубов, сигурност и достоинство. Достојниот маж, сопруг и татко се бори против сите форми на дискриминација на жената, против неправдата, насилството и угнетеноста. Како Претседател, но и како сопруг, сакам да ги повикам младите и старите, мажите и жените, јавните личности и невладиниот сектор активно да се вклучат во кампањата која повикува за Стоп на насилството врз жената – СЕГА!, се вели во пораката.

Иванов ги повикува сите заедно да го мобилизираат јавното мислење, да ги охрабрат онеправданите и заеднички да се застае против дискриминацијата врз жените.

– Активностите не застануваат на 16-тиот ден од кампањата туку продолжуваат. Борбата против насилството врз жената треба да трае 365 дена во годината, порачува претседателот Иванов.

Целта на акцијата против насилството врз жените и девојчињата беше да се сврти вниманието на општеството за елиминирање на сите форми на насилство врз женскиот пол.