Македонија

Иванов ќе биде дел од 70-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина

Иванов ќе биде дел од 70-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина

Во рамки на централната прослава по повод одбележувањето на големиот јубилеј „70 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, во Панчево, ќе биде одржана Свечена академија, на која обраќања ќе имаат претседателите на Македонија и на Србија, Ѓорге Иванов и Томислав Николиќ. На јубилејната прослава ќе биде засадено „Дрво на пријателството“ и ќе биде потпишан протокол за збратимување на општина Македонски Брод и месната заедница Јабука. Во рамки на прославата ќе биде посетена изложбата на уметнички дела на академскиот сликар Павле Кузмановски и ќе биде приредена богата културно-уметничка програма.

Во Белград, утре претседателот Иванов ќе оствари средби со српскиот претседател Николиќ и со премиерот Александар Вучиќ. На средбите, како што соопшти Кабинетот на Иванов, ќе биде разговарано за можностите за продлабочување на билатералната и регионалната соработка, како и за актуелните случувања во двете земји и предизвиците со кои се соочува регионот.

Во рамки на работната посета ќе биде одржан македонско-српски бизнис форум на кој ќе учествуваат дваесетина компании од Република Македонија, од фармацевтската, прехранбената, металната, градежната индустрија, како и од областа на информатичките технологии, графичките дејности и транспортните услуги. На отворањето на бизнис форумот, кој ќе се одржи во Белград, ќе се обратат претседателите Иванов и Николиќ, како и претседателите на Стопанските комори на Македонија и на Србија.