Македонија

Иванов ќе ја отвори 6-та Школа за млади лидери во Охрид

Иванов ќе ја отвори 6-та Школа за млади лидери во Охрид

Со обраќање на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска свечено ќе биде отворена 6-та Школа за млади лидери, што по шести пат ќе се одржи од 17 до 28 август во Охрид, пренесува МИА.

На свеченото отворање предвидени се и обраќања на Франко Фратини, поранешен потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, на Петар Стојанов, поранешен претседател на Република Бугарија, на Фенг Тиан, генерален менаџер на China Civil Engineering Construction Corp, како и на Зоран Илиевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На годинашната школа ќе присуствуваат 20 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко, кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на вкупно 44 учесници на школата.

На првиот ден од 6-та Школа за млади лидери, предавања ќе одржат Фратини, Стојанов и Марк Оте, генерален директор на Кралскиот институт за меѓународни односи – ЕГМОНТ.

Меѓу предавачите на шестата по ред Школа за млади лидери се и Абдулазиз Отман Алтваијри, генерален директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО“, Јован Ковачич, член на извршниот комитет на Трилатералната комисија и претседател на организацијата „East West Bridge“, како и Метју Квасиборски, директор на Европскиот институт на Фондот за американски студии. Предавања на школата ќе одржат и истакнати поединци, успешни лидери во компании и претставници на етаблирани институции од Република Македонија, Кралството Холандија, Република Србија, Република Турција и други земји.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани пет интензивни тренинзи за лидерство вo 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014 година. Идејата на претседателот Иванов, се посочува во соопштението од Кабинетот на претседателот, е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на 6-та Школа за млади лидери опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Во изминатите пет години на школата учествуваа 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите,  Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и многу амбасадорифункционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.