Иванов во работна посета на Египет

Претседателот Ѓорге Иванов од денеска до понеделник ќе престојува во работна посета на Арапската Република Египет, каде што ќе учествува на Форум на високо ниво во организација на Александриската библиотека и на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, што се одржува во Каиро, соопшти Кабинетот на Претседателот.

На форумот учествуваат истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, поранешни претседатели на држави, премиери и министри. Меѓу останатите теми на форумот се: „Тероризмот и уставот – рамка за акција“,  „Тековни перспективи: мнозински муслимански држави“, „Тековни перспективи: западни држави“, „Меѓурелигиски дијалог – случај Египет“…

Учеството на македонскиот претседател на овие состаноци, се истакнува во соопштението, е резултат на одличната соработка со Александриската библиотека и со Меѓународниот центар „Низами Ганџави“. Претходно, претседателот Иванов има учествувано на состаноците во Баку, Софија и во Рим.

За време на работната посета на Арапската Република Египет, предвидено е претседателот Иванов да оствaри средба со египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси.