Иванов ќе присуствува на одбележувањето на годишнината од победата над фашизмот

Претседателот Ѓорге Иванов на 9 мај во Москва ќе присуствува на одбележувањето на 70 годишнината од победата над фашизмот.

– Претседателот Иванов отсекогаш применувал политика на отвореност кон сите, односно одлуката да се присуствува на свеченоста во Москва на ниеден начин не е во спротивност со стратегиски приоритети кои ги има Република Македонија, членството во ЕУ и НАТО. Соработката на Република Македонија со Русија, Кина и сите други земји кои имаат интерес за соработка со Македонија, никогаш не било прашање на избор, ниту на било кој начин на сметка на стратешките цели, велат од кабинетот на Иванов.

Оттаму додаваат дека цврстата определба за ЕУ и НАТО никогаш не била пречка за одличните билатерални односи кои Македонија во континуитет ги унапредува со Руската Федерација, не само во мандатот на Иванов, туку отсекогаш. Посочуваат и дека се несериозни шпекулациите оти со одење, односно неодење во Москва, Македонија прави избор.

Во Москва е најавено присуство на повеќе лидери од регионот, Европа и светот, меѓу кои и членки на ЕУ и НАТО. Присуството на 70 одишнината од победата над фашизмот, го потврдија и српскиот претседател Томислав Николиќ и грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Како дел од македонската делегација, во Москва се поканети да присуствуваат и претставници од Сојузот на борци.