Иванов ќе учествува на 51. Минхенска безбедносна конференција

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од денеска до недела во Минхен, Сојузна Република Германија, ќе учествува на 51. Минхенска безбедносна конференција, придружуван од Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.

Во фокусот на годинешната конференција ќе бидат: Светот во 2015 година, борбата против тероризмот, нерешените конфликти во Европа со акцент на Украина, состојбата на Блискиот Исток, ризиците од бегалска криза, итн.

На 51. Минхенска безбедноста конференција е најавено учество на околу 20 шефови на држави и влади, околу 60 министри за надворешни работи и за одбрана, 30 извршни директори на глобални компании и парламентарни делегации. Меѓу учесниците се германскиот сојузен канцелар, Ангела Меркел, како претставник на земјата домаќин, потпретседателот на САД, Џозеф Бајден, претседателите на Литванија, на Естонија, на Бугарија, на Финска, на Азербејџан и на Словенија, Далиа Грибаускаите, Томас Хенрик Илвес, Росен Плевнелеив, Саули Нинисте, Илхам Алијев и Борут Пахор, холандскиот премиер, Марк Руте, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, и др. На конференцијата е предвидено учество и на повеќе поранешни државници, меѓу кои поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт и поранешниот Генерален секретар на ОН, Кофи Анан.

Минхенската безбедносна конференција, со која претседава амбасадорот Волфганг Ишингер, претставува најугледен и најреномиран форум на глобално ниво, посветен на прашањата од безбедноста, промовирањето на мирното решавање на конфликтите, меѓународната соработка и дијалог во надминувањето на безбедносните предизвици на денешнината и иднината, со особен фокус на трансатлантското партнерство. Република Македонија, претставена на највисоко ниво, редовно учествува на конференцијата.

За време на своето трето учество на Минхенската безбедноста конференција, предвидено е претседателот Иванов да оствари повеќе формални и неформални средби со дел од учесниците на собирот.