Иванов – Лајчак: Забрзана интеграција на целиот регион треба да е приоритет за ЕУ

Актуелните случувања во регионот и Европа, како и можните перспективи за деблокирање на македонските европски и евроатлански интеграции, забрзана интеграција на балканските држави, беа темите на кои денеска во Париз разговараа македонскиот претседател, Ѓорге Иванов и словачкиот заменик-премиер и министер за надворешни и европски работи, Мирослав Лајчак.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на претседателот, беа констатирани одличните политичките односи меѓу Македонија и Словачката Република и изразена подготвеност за унапредување на севкупната меѓусебната соработка на билатерално и мултилатерално ниво.

Во разговорите беа разменети мислења околу политичката и безбедносната состојба во Република Македонија, во контекст на случувањата со бегалската криза, како и за најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Во однос на стратешките приоритети на Република Македонија, македонскиот претседател изрази очекување дека Словачка и во иднина ќе ги поддржува нашите аспирации  за членство во ЕУ и НАТО, нагласувајќи дека е потребен посериозен ангажман од Европската унија  и  од Алијансата за деблокада на европските и евроатлантските интеграции и придвижување на Република Македонија.

Досегашниот пристап на Европската унија кон Република Македонија очигледно не даде резултати. А во одредена мера таквиот пристап влијаеше негативно на политичкиот амбиент во земјата. Затоа апелирам , после изборите конечно да биде деблокиран овој процес и Република Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ”, истакна на средбата македонскиот претседател.‎

ivanov-lajcak-2

Во однос на престојниот НАТО самит, претседателот Иванов апелираше во носењето одлуки и креирањето политики, Алијансата и земјите-членки да не ги игнорираат пресудата од Хаг, Времената спогодба, геополитичките аспекти и предизвици во регионот на Југоисточна Европа.

Министерот Лајчак посочи дека Словачка добро ги разбира последиците од предолгата статус-кво состојба во интеграциите и дека како и досега Република Македонија може да смета на поддршката од неговата земја.

Со средбата со Лајчак, претседателот Иванов ја заокружи работната посета на Париз, каде учествуваше на лидерскиот форум по повод 70 години од основањето на УНЕСКО. Македонскиот претседател оствари повеќе билатерални средби со лидерите, учесници на форумот, како и со ГД на УНЕСКО, Ирина Бокова, и првиот човек на организацијата на Франкофонијата, Микаела Жан.