Иванов-Лајчак: бегалската криза е доказ дека Македонија одамна требаше да биде интегрирана во ЕУ и НАТО

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, попладнево на маргините на Минхенската безбедносна конференција, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Словачка, Мирослав Лајчак.

На средбата, како што јавува МИА, беа разменети мислења и информации во однос на актулната бегалска и мигрантска криза, како и за претстојните состаноци на европско ниво на кои ќе се дискутираат актуелните состојби. Во тој контекст, претседателот Иванов и министерот Лајчак се согласија дека потребен сеопфатен европски одговор на кризата.

Двајцата соговорници истакнаа дека бегалската криза е доказ дека Македонија одамна требаше да биде интегрирана во структурите на ЕУ, НАТО и Шенген.

Во однос на стратешките приоритети на нашата држава, претседателот Иванов изрази благодарност за конзистентниот став на Словачка за неопходноста од проширување на државите од Балканот. Нагласи дека е потребен посериозен ангажман од ЕУ и од НАТО за деблокада на европските и евроатлантските интеграции и придвижување на Македонија, со цел стабилен и безбеден регион, а со тоа и стабилна Европа.

Министерот Лајчак посочи дека Словачка добро ги разбира последиците од предолгата статус-кво состојба во интеграциите и дека како и досега Република Македонија може да смета на поддршката од неговата земја.