Иванов: Македонија денес пред нова голема пресвртница

Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска се обрати на централното чествување на Денот на Републиката – 2. август на Мечкин Камен во Крушево. Тој нагласи дека нишката што ги врзува сите наши манифести и сите наши Илиндени, посочи Иванов, е повикот за единство за остварување повисока цел.

Целта е влез на Македонија во ЕУ и НАТО

За илинденците, таа повисока цел била слободата. За асномците, тоа била државноста. За нас, тоа беше независноста и сувереноста. А за нашите деца, за младите, тоа е напредокот и благосостојбата на европска Република Македонија.  Но, денес се однесуваме како да ја заборавивме лекцијата што толку скапо нè чинеше. Како да заборавивме дека, сè што сме оствариле, и слободата, и државноста и независноста, сме го оствариле тогаш кога сме биле сплотени. Но, исто така, дека сè што сме изгубиле, секоја перспектива, можност и шанса, сме ја изгубиле тогаш кога сме биле разединети, рече претседателот Иванов.

Иванов подвелече дека иако слободна, Македонија како сè уште да им робува на поделбите, иако независна и суверена, решенијата за внатрешните прашања сè уште ги бара надвор од неа и иако е обединета во етничката и во верската различност, сè уште е политички длабоко поделена. Тој потенцира дека Македонија одново се наоѓа пред нова голема пресвртница.

Тој оцени дека разединетоста е последица и на блокираните европски и евроатлантски интеграции.

Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската унија. Над 80 проценти од граѓаните недвосмислено го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и во Европската унија. Ниту една политичка партија во Република Македонија не може да добие онолку гласови колку што во моментов НАТО и ЕУ имаат свои поддржувачи. Бидејќи, за граѓаните, НАТО значи безбедност, а Европската унија значи просперитет. Заедно тие значат мир, рече претседателот Иванов.

Поради отсуството на политички дијалог ќе беше испуштена од рака европската перспектива

Македонските граѓани од своите избрани претставници, и од власта и од опозицијата, очекуваат да им овозможат подобар живот во европска Македонија, рече Иванов, кој потенцира дека поради предолгото отсуство на политички дијалог постоеше сериозна опасност да ја испуштиме од рака европската перспектива.

Благодарни сме  на ангажманот на нашите пријатели од Европската унија и САД. Нивните препораки мора да се сфатат сериозно, нагласи Иванов.

Претседателот повика почитување на постигнатиот догово меѓу лидерите на политичките партии.

Крајно време е НАТО да и ја даде на Македонија заслужената покана за влез

Се покажа дека блокадите не ја разрешуваат, туку само ја влошуваат политичката и безбедносната состојба во Македонија. Крајно време е Унијата да ни даде датум за почеток на преговори за членство, а прашањето за името да го остави како 35. поглавје во преговорите. Крајно време е НАТО да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ни ја врачи одамна заслужената покана за членство, рече Иванов.

Иванов упати и порака до нашите соседи. Претседателот посочи дека пред секој самит на Европската унија и НАТО, Грција прави сè за да нè блокира и оти пред секој Илинден соседна Бугарија бара заедничко славење на минатото.

Се радуваме на успесите на нашите соседи, бидејќи тоа се и успеси на регионот. Со нетрпение го чекам денот кога заедно со бугарскиот претседател ќе прославиме врвен успех на заеднички проект на нашите научници, уметници, стопанственици… Лесно е да се најдат причини за кавги ако започнеме дополнително да го заплеткуваме и онака замрсениот јазол на заедничката балканска историја, ако започнеме да ги отвораме старите рани. Но, тоа е најлошата можна политика на сеење страв, заблуди и предрасуди, рече Иванов.

Земјите од регионот да не дозволат минатото да ги краде сегашноста и иднината

Претседателите на земјите од регионот треба да бидат мост на поврзување на најкреативните и најиновативните умови од нашите две земји. Само така ќе работиме за подобра иднина на нашите држави и на нашите народи.

Земјите од нашиот регион не можат да си дозволат минатото да продолжи да им ја краде сегашноста и иднината на граѓаните, порача претседателот Иванов.

Осврнувајќи се на последиците од блокадите Иванов рече дека македонските граѓани сакаат да работат и да заработуваат пристојна плата. Поради тоа, како што рече, како држава вложивме многу време и енергија за привлекување странски инвеститори кои ќе отвораат фабрики и нови работни места за граѓаните.

Сепак, поради нарушениот углед на државата, постоеше опасност инвестициите да запрат, и економскиот раст да опадне. Политичката битка меѓу партиите не смее да ѝ наштети на економијата, бидејќи од неа зависат платите, пензиите, субвенциите, стипендиите…, рече Иванов во обраќањето.

 

 

Владина делегација денеска положи цвеќе на повеќе локации низ земјава во рамки на одбележувањето на празникот Илинден.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.