Иванов: Македонија е реалност и треба да го добие она што и припаѓа

Спорот за името го наследивме од претходните генерации на политичари и е резултат на нашата наивност кога влеговме во независноста. Нашиот случај е уникатен и затоа нема решение, но ние сме реалност и кога тогаш ќе го добиеме тоа што го заслужуваме.

Ова го изјави претседателот на државата Ѓорге Иванов во роденденското интервју за Македонското радио по повод 70 години од постоењето на овој најстар медиум во Република Македонија во однос на прашањето за името и условувањето за влез во НАТО и во ЕУ.

– Тоа го наследивме од претходните генерации на политичари и е резултат на нашата наивност кога влеговме во независноста и самостојноста на Македонија, мислејќи дека старите балкански прилики од пред сто години се надминати. Ние сме реалност и ние треба да го добиеме тоа што им припаѓа на сите, ниту повеќе, ниту помалку. Пресудата на Меѓународниот суд за правда покажа дека досега сме се однесувале одговорно според сите меѓународни стандарди. Тоа укажува дека мора да истраеме на тој пат и дека со тек на времето, но и со исполнување на сите критериуми кои се бараат од нас, ние кога тогаш ќе го добиеме тоа што го заслужуваме, истакнува Иванов.

Според него, иако со многу мака, труд и откажувања кои други не ги правеле, ќе продолжиме да се однесуваме одговорно.

– Нашиот случај е уникатен и затоа нема решение, а заснива на правото да бидете свој. Тоа е наше право и нам ни припаѓа. А некој што го негира тоа, нека докаже дека не сме тоа што сме, вели Иванов.

Тој оценува дека државата добро се справува со оваа наследена ситуација, а особено е задоволен од младите.

– Како држава и генерација мислам дека добро се справуваме со тоа, а она што ме радува е што нашиот народ особено младите, се длабоко свесни, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов во интервјуто за Македонското радио.