Иванов: Македонија и Швајцарија се почитуваат поради различностите

Македонија и Швајцарија имаат добри билатерални односи и соработка, а нив ги поврзува нивната посветеност кон афирмација на човековите права и моделите на соживот кои се негуваат во нив.

Ова го оцениле претседателите на Република Македонија и на Швајцарија Ѓорге Иванов и Дидије Буркхалтер на средбата во Берн.

Како што соопшти кабинетот на претседателот Иванов, тие изразиле задоволство од развојот на билатералните односи и од соработката меѓу двете земји во годината кога се одбележуваат две децении од воспоставувањето на дипломатските односи.

Македонскиот претседател на средбата истакнал дека Република Македонија и Швајцарската Конфедерација ги поврзува нивната посветеност кон афирмацијата на човековите права, моделите на соживот кои се негуваат во двете земји, а се темелат на принципот на почитување на различностите, ангажманот на двете земји во рамките на меѓународните организации.

ivanov

– Швајцарија е голем пријател на Македонија и ме радува што оваа средба ја остваривме во време кога одбележуваме 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Во овие години имавме сесрдна поддршка и помош од Швајцарската Конфедерација за голем дел проекти, а нивната техничка помош продолжува и во следниов период. Во нивниот буџет се издвоени повеќе од 80 милиони швајцарски франци за проекти во Македонија, изјавил претседателот Иванов по средбата.

Претседателот Буркхалтер изразил уверување дека соработката и поддршката за Република Македонија ќе продолжи и во иднина.

– Голем е придонесот на бројната заедница на иселениците од Македонија кои живеат и работат во Швајцарија во одличните односи кои ги постигнавме овие 20 години, истакнал Буркхалтер, и дека постојат големи потенцијали кои недоволно се искористени во сферата на економијата, подвлекол на средбата швајцарскиот претседател.

ivanov2

Претседателот Иванов го искажал очекувањето дека условите за започнување на бизнис во Македонија, што се препознаени од релевантни економски институции, ќе го привлечат вниманието на швајцарските компании за инвестирање во нашата земја.

Во контекст на случувањата во повеќе кризни жаришта и импликациите кои се предизвик и закана за целиот регион, претседателот Иванов ја истакна потребата од зајакнување на соработката на земјите од регионот.

– Јасна е и потребата од ангажман и поддршка на ОБСЕ преку проекти и иницијативи за нашиот регион кои ќе соодветствуваат на новите предизвици и закани, негативните влијанија од кризните жаришта, со цел нивно превенирање и соочувањето со истите, нагласил Иванов, истовремено упатувајќи честитки за швајцарското претседавање.

Буркхалтер го информира Иванов за планираните претстојни активности во рамките на швајцарското претседавање со ОБСЕ со цел осигурување и зајакнување на безбедноста и сигурноста во Европа.

– На средбата стана збор за она што го разговаравме и на Генералното собрание и на Советот за безбедност и со госпоѓата Меркел, дека нашиот регион има потреба од поинтензивна комуникација и размена на информации за сите настани што се случуваат во наша непосредна близина, на Блискиот Исток, во Украина, рекол шефот на македонската држава.

Претседателот Иванов изјави дека ОБСЕ, дел од своите програми кои што веќе ги има, ќе ги ангажира и во нашиот регион, кои што се однесуваат пред се на тие што во следните децении ќе се враќаат и кои треба да се ресоцијализираат, да се вклучат во секојдневниот живот, односно да се дерадикализираат, оти нивниот престој на боиштата ги инфицира од многу радикални идеи кои што се туѓи за нашиот соживот и нашата традиција.

– Ние со муслиманите во Македонија, во овој регион живееме со векови, и не може да се генерализира, како што тоа е претставено во некои медиуми, дека тоа што го прават џихадистите го прават сите муслимани. Од наш интерес е, нашиот модел на соживот, нашата традиција на меѓусебна и меѓурелигиска почит да продолжи и да не биде нарушена од ваквите екстремисти и поединци кои од нивни причини влегуваат во такви авантури, изјавил претседателот Ѓорге Иванов.