Македонија

Иванов: Македонија и Србија имаат идентична визија за иднината

Иванов: Македонија и Србија имаат идентична визија за иднината

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска го прими Александар Вучиќ, претседател на Владата на Република Србија, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, по повод одржувањето на втората Заедничка седница на Владите на Република Македонија и на Република Србија.

Претседателот Иванов искажа задоволство од размената на меѓусебни посети, оценувајќи дека тоа претставува индикатор за интензитетот на политичкиот дијалог.

„Контактите на највисоко ниво имаат посебно значење и даваат силен сигнал за натамошниот развој на пријателството и соработката меѓу нашите две држави. Заедничките седници на двете Влади се ново поглавје во заемната комуникација кое отвора можност за директна и поефикасна соработка во повеќе области од заемен интерес“, рече претседателот Иванов на средбата.

003

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија и Република Србија имаат идентична визија за заедничка иднина во големото европско семејство, за стабилност и просперитет на регионот што ќе се оствари со интегративните процеси и со зајакната регионална соработка. Истакнувајќи дека Република Македонија е цврсто определена да гради подеднакво добри односи со сите соседи, претседателот Иванов посочи дека земјата е подготвена за соработка и размена на искуства во ЕУ интеграциите, како и во регионалните иницијативи.

На средбата претседателот Иванов го поздрави унапредувањето на правната рамка и потпишувањето на повеќе договори и документи и посочи на потребата од максимална посветеност на економската соработка, како и на енергетското и инфраструктурното поврзување.

„Заврши времето кога беа доволни само средби, политички декларации. Граѓаните од сите билатерални или регионални средби очекуваат конкретни резултати“, нагласи претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов и премиерот Вучиќ разменија мислења за состојбите во регионот. Двајцата соговорници се согласија дека дијалогот е единствениот начин за надминување на отворените прашања и разлики во нашиот регион, и се согласија дека истите на ниеден начин не смеат да бидат пречка за билатералната, регионалната соработка, како ни пречка во интегративните процеси.