Македонија,Политика

Иванов: Македонија ја приближуваме кон Европа, но и Европа ја градиме во Македонија

Иванов: Македонија ја приближуваме кон Европа, но и Европа ја градиме во Македонија

„Гасификацијата на Република Македонија е капитален проект што е веќе во тек. Во Неготино ќе се вкрстат првата и втората делница на гасоводот. Клечовце-Штип-Неготино и Неготино-Прилеп-Битола. Гасификацијата на Македонија ќе значи поевтина енергија, пониски цени на македонските производи, повеќе можности за развој на македонската економија и производство. Гасификацијата ќе ги зголеми шансите за нови инвестиции и за нови работни места во Неготино,“ изјави претседателот Ѓорге Иванов пред неготинчани.

Тој истакна дека како претседател ќе продолжи со напорите за интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

„На тој наш пат се соочуваме со блокада од jужниот сосед кој веќе две децении нè блокира и бара од нас да се откажеме од сопствениот идентитет.Нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.Нема да дозволиме Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени!Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за иднината на Македонија.За секое решение ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум,“ изјави Иванов.

Иванов рече  дека ќе продолжи со реформска работа дома, и со политика на отвореност, дијалог и соработка кон надвор.

„Македонија ја приближуваме кон Европа. Но, истовремено, Европа ја градиме во Македонија со конкретни проекти. Проекти што произлегуваат од вашите потреби,“ потенцираше Иванов.