Иванов: Очекуваме Македонија да ја напушти статус-кво состојбата

Очекуваме на претстојниот Самит на НАТО во Полска во 2016 година Македонија да ја напушти статус-кво состојбата во однос на нејзиното членство во Алијансата, изјави претседателот Ѓорге Иванов, кој во изминатите два дена учествуваше на 25. Економски форум во Полска.

Иванов на маргините на Форумот имаше средба со новоизбраниот полски претседател Анджеј Дуда, на која главен акцент беше ставен на претстојниот НАТО самит и што може Полска да направи во поглед на  членството на Македонија во НАТО, јавува МИА.

Очекуваме на НАТО самитот  да се напушти статус-кво состојбата што ја имаме во поглед на нашето интегрирање во НАТО, бидејќи сите наши обврски што ги имавме се исполнети, завршен е и 16-от МАП (Акциски план за членство) и почнуваме со 17 Акциски план, изјави претседателот Иванов.

Во контекст на тоа додаде дека Армијата на Република Македонија е најпроверувана и ги исполнува условите да биде дел од НАТО.

Го потенцирав целиот  наш придонес што го даваме со учеството во сите мировни мисии. Така да очекуваме не само ние, туку и граѓаните на Република Македонија очекуваат да се напушти статус-кво состобата во однос на нашето членство во НАТО, истакна Иванов.

Македонскиот претседател очекува Полска со сето она што го покажала досега и сета поддршка што ја има кон Македонија да ја потврди и на овој Самит.

На средбата со полскиот претседател Анджеј Дуда, двајцата соговорници разговарале и за соработката и во другите области.

Иако Дуда е нов претседател го продолжува она што сме го имале досега како соработка со претходните претседатели кои секој пат имале симпатии и  поддршка кон Македонија и секој пат биле вистински пријатели и во нашите ЕУи НАТО интеграцијата, рече Иванов.

Иванов: Очекуваме Македонија да ја напушти статус-кво состојбата
Иванов: Очекуваме Македонија да ја напушти статус-кво состојбата

Македонскиот претседател, додаде дека на средбата со полскиот претседател се осврнале и на соработката во сферата на одбраната, културата,образованието и како што најави во најскоро време се очекува да се оствари и официјална средба на која ќе има и конкретни активности.

По повод Денот на независноста на Република Македонија синоќа во Круница Здруј беше организирана Македонска вечер, што ја отвори претседателот Иванов и на која беа презентирани можностите за инвестирање во државата.

Министерот без ресор Фуркан Чако, кој е во состав на македонската делегација пред полските бизнисмени на Македонската вечер ги презентираше поволностите и можностите за инвестирање во Македонија.

Шефот на македонската држава попладнево ќе учествува на Форумот на млади лидери што се одржува во полскиот град Нови Саџ, каде ќе учествува на сесијата „Лидери на утрешнината-Какви лидери и се потребни на Европа во 21 век“.