Иванов: Македонија нуди големи можности за странските инвеститори

Над 20 сопственици на компании од турско-азербејџанското бизнис здружение ТУСИАБ присуствуваа на бизнис-форумот што денеска се одржа во Баку на којшто беа презентирани потенцијалите за инвестирање во Република Македонија и поволностите за странски инвестиции.

Форумот, како што пренесува МИА , го отвори претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, кој се наоѓа во посета на Азербејџан изразувајќи уверување дека добрата политичка соработка меѓу двете земји ќе се ефектуира и на економски план.

– Верувам дека оваа денешна средба е само почеток на една успешна и плодна соработка. Очекувам дека во претстојниот период ќе имам можност да го пречекам мојот колега претседателот Алијев во Република Македонија и се надевам дека и вие ќе дојдете со него, за да организираме македонско-азербејџански бизнис-форум на кој ќе го продолжиме она што денес го започнуваме. Затоа, ве повикувам да ја посетите Македонија, да ги разгледате постојните капацитети, да се запознаете со позитивното искуство на веќе присутните компании и сами да се уверите дека Македонија нуди големи можности за ширење на вашиот бизнис, посочи претседателот Иванов.

Бизнисмените на средбата искажаа интерес за инвестирање во градежништвото, особено во енергетскиот сектор.

Џем Илѓун од Текфен Констракшн, една од најголемите турски компании во градежништвото и нафта, кој работи во Азербејџан повеќе од 20 години и чиј последен проект на кој работеле е Олимпскиот стадион во Баку, завршен за рекордни две години, вели дека би сакале да дојдат во Македонија и да се запознаат со можностите за водење бизнис.

– Според она што слушнав, многу градежни работи на патната инфраструктура се одвиваат во моментот во Македонија. Би сакале да дојдеме во Македонија за бизнис во оваа дејност. Сме работеле во Европа и порано, вели Илѓун.

Тајфун Башарир од градежната компанија АГТ, која се занимава главно со изградба на патишта и мостови, смета дека Македонија нуди многу можности за инвестиции.

–  Задоволни сме од денешниот информативен состанок. Македонија нуди многу можности во областа на изградба на автопати, главно преку концесии. Заинтересирани сме и за проекти во енергетскиот сектор и ќе ги земеме предвид, вели Башарир.

На форумот можностите за инвестирање во Македонија и поволната бизнис клима ги презентираше Климент Шеќеровски, заменик извршен директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

Во турско-азербејџанското бизнис здружение ТУСИАБ членуваат над 300 компании со дејност во повеќе економски гранки. Само во градежништвото неговите членки досега имаат реализирано договори во вредност од 15 милијарди долари, имаат инвестирано над 7,5 милијарди долари во Азербејџан и вработуваат 60.000 лица.

Претходно, беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Школата за млади лидери на претседателот Иванов и Меѓународниот центар „Низами Ганџави“.

Македонскиот претседател ги посети просториите на овој центар, кој е еден од организаторите на 3. Глобален Баку форум.