петок, 24 март 2017  |  Вести денес: 39

Иванов: Македонија нуди помош за да и се помогне на Европа

ivanov

Поврзани вести

За Република Македонија е исклучително важно Европската Унија да вложи максимални напори за да обезбеди единство по прашањето со мигрантската криза и сеопфатен одговор. Македонија на состанокот врз основа на своето искуство понуди и решенија.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по денешниот вонреден состанок на Вишеградската група што се одржа во Прага, јави известувачот на МИА.

– Сакаме како Македонија да бидеме дел од севкупниот безбедносен систем на европскиот континент затоа што навистина треба да се стави акцент на безбедносниот карактер на мигрантската криза, прашање кое многу беше запоставувано од страна на Еевропскиот совет, но сега има потреба да се справат со сите предизвици од безбедносен аспект бидејќи се забележани активности на поединци кои го користат коридорот да дојдат до одредени дестинации каде веќе преземаат активност како што видовме во минатото, посочи претседателот Иванов и додаде дека со регулирање на протокот на мигрантите, односно кога ќе може да се контролира кој влегува и кој излегува од земјата ќе се има увид во секој аспект на кризата, па и безбедносниот.

Додаде дека ситуацијата на терен се менува од час во час и дека Армијата и полицијата на Република Македонија заедно со странските полициски сили меѓу кои има и од В4 државите, со максимална посветеност делуваат со цел контрола и канализирање на движењето на мигрантите, на намалување на безбедносните ризици во подрачјата зафатени со криза.

– Од Македонија, земја-кандидат се очекува да го носи товарот што многу поголеми и економски помоќни држави-членки на Унијата не можат, не сакаат да го носат. Од Македонија, земја-кандидат, се очекува да се однесува поодговорно од земји-членки. Ние не бегаме од оваа обврска. Но, за да го носиме тој товар, бараме гаранции од Европската унија за политичка, безбедносна и економска поддршка. Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет во кое Грција ќе има удел, немаме никаков интерес целиот товар да падне на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета, изјави претседателот Иванов.

Тој додаде дека опстојуваме на нашите барања и предлози изнесени на вонредниот Самит во Брисел од 25 октомври минатата година.

– Остануваме на нашите барања дадени уште во октомври во Европскиот совет кои се уште не се исполнети. Се уште бараме опрема за биометрски податоци, пристап до базите на шенген и фронтекс, фронтекс да биде поставен на границата за сите оние што не се евидентирани Грција да се евидентираат во Македонија и тоа да биде од корист за сите членки од Унијата, истакна претседателот.

Тој повика од ЕУ да покаже солидарност за земјите  кандидати за членство  како и Вишеградската група и ургентно да помогне за да може и тие  да помогнат на Унијата , но и на Европа како континент.

Најчитани вести