Македонија

Иванов: Македонија трпи од неодлучноста на Европскиот Совет

Иванов: Македонија трпи од неодлучноста на Европскиот Совет

На Македонија и е направена неправда во однос на почеток на преговорите за членство во ЕУ и членството во НАТО, е општиот впечаток од панел-дискусиите и големиот број билатерални средби кои ги имаше претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов за време на тридневниот безбедносент форум ГЛОБСЕК 2015 што се одржа во Братислава, Република Словачка.

– Македонија трпи од неодлучноста на Европскиот Совет и отсуството на политики кои даваат резултати, посочи претседателот Иванов и затоа, рече, сите се свесни дека мора нешто да се менува и Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Претседателот Иванов потенцира дека на сите остварени средби ги запознал соговорниците со реалните актуелни состојби во Македонија и сите пријавиле интерес за причините за случувањата.

– Покрај слабостите што ги имаме во функционирањето на нашата демократија, голема причина е и застојот што го има во Македонија во евроинтеграциите и во НАТО, а сето тоа создава фрустрации и влијае на политичката култура. Македонија мора да добие дополнителна енергија да се придвижи напред во НАТО и во евроинтеграциите, бидејќи однесувањето на една земја членка и во ЕУ и во НАТО создава безбедносен вакум во нашиот регион, кој сега го пополнуваат глобални актери, изјави Иванов заокружувајќи го учеството на ГЛОБСЕК 2015.

Нагласувајќи дека сме најпроверувана Армија во НАТО и пошироко, со 16 Акциони планови за членство, со 24 ротации во Ирак, 19 Авганистан, јави известувачот на МИА од Братислава, Иванов истакна дека покажавме оти нашите војници се на ист ранг, а некаде и поподготвени од самите земји – членки на Алијансата. Тоа, подвлече, кај нас создава големи обврски, а никакви привилегии.

– Неопходен ни е тој безбедносен чадор, каде што сите земји од регионот ќе знаат како да се заштитат од големите предизвици. Поука за нашите политичари е да бидат свесни за опкружувањето и предизвиците кои се случвуаат и на Блискиот Исток и на Ккавказот и на целиот Балкан, што пак за еворпските политичари тоа е Бермудски триаголник, порача претседателот Иванов.

Што се однесува до политиките на ЕУ, според претседателот Иванов, единствена успешна политика е проширувањето и ако таа доживее неуспех, подвлече, се поставува прашањето иднината на самата ЕУ.

Претседателот Иванов денеска имаше средба и со американскиот сенатор Џон Меккејн на која е реафирмиран заедничкиот интерес за натамошно зајакнување на стератешкото партенерство меѓу Република Македонија и на САД. Интеграцијата во ЕУ и во НАТО, нагласил Иванов, останува стратешки периорите за Република Македонија и во таа насока се заблагодарил за американската поддршка за аспирациите на земјата за членство во НАТО, изразувајќи истовремено и очекување за нејзино натамошно зајакнување.

Сенаторот Меккејн, јави известувачот на МИА, ја изразил поддршката за Република Македонија за нејзините евроатлантски интеграции и повторил дека го поддржува ставот на граѓаните да одлучуваат за името на својата држава.

Внатрешно-политичката состојба во Македонија во насока на решавање на кризата и идните активности кои ОБСЕ има намера да ги спроведе преку мисијата во Скопје, беа дел од темите на кои претходно разговараа претседателот Иванов и генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.

Претседателот Иванов посочил дека недостигот на доверба меѓу разузнавачките и полициските служби во регионот и недоволната размена на разузнавачки податоци за заканите се основни елементи за регионална безбедносна нестабилност.

Заниер изразил поддршка за иницијативата на претседателот Иванов за формирање регионален контратерористички центар за закани од насилен екстремизам и радикализам и заканата од странски терористички борци и програмите за дерадикализација и контрарадикализација. Тој искажал подготвеност за поддршка и за активности со програми за тренинг и едукација во јакнење на капацитетите на органите за прогон во Македонија кон борбата против формите на транснационалниот организиран криминал со акцент на сузбивањето на илегалната миграција и организираните криминални мрежи.